Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Предлог за издавање казнен налог против едно физичко и едно правно лице за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 од Кривичниот законик.
Обвинетиот, во својство на овластено лице во правното лице во чија сопственост бил угостителски објект, на 3 октомври постапил спротивно на донесените протоколи за работа на угостителските објекти за исхрана во услови на пандемија на опасна заразна болест. На критичниот ден, во објектот лоциран на улица „Дебарца“ дозволил послужување на гости на стоење, иако тоа согласно протоколите е забрането, и не обезбедил пропишано растојание меѓу масите во објектот.
Со ова физичкото лице се товари дека го сторило кривичното дело согласно став 1, а правното лице – согласно став 2 од наведениот член на Кривичниот законик.
Надлежниот јавен обвинител на Основниот кривичен суд Скопје му предложи да изрече парична казна од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 50 евра за обвинетиот граѓанин, како и парична казна од 300.000 денари за обвинетиот правен субјект.