Професор Д-р Наташа Пеливанова, која е член на Советот од редовите на СДСМ и заменик градоначалник на Општина Карпош, денеска доби нова функција во локалната самоуправа. Таа е нов претседател на Советот на Општина Карпош. Пеливанова е доктор во областа на правните науки. Таа е редовен професор на Факултетот за безбедност во Скопје. Има значаен придонес во научно-истражувачката дејност како автор на многубројни трудови издадени во домашни и меѓународни специјализирани списанија.
На последните локални избори, Наташа Пеливанова е избрана за член на Советот на Општина Карпош, а исто така членува и во Комисијата за урбанистичко планирање, Комисија за јавни дејности (образование, социјална и детска заштита), Комисија за еднакви можности на жените и мажите и Комисија за прописи при Советот на Општина Карпош. Таа сега е на местото на досегашниот претседател на Советот, Андреј Манолев, но поради доделување на друга јавна функција, директор на гимназијата „Никола Карев“, Манолев го напушта претседателското место и членството во Советот. Нов член, кој е на местото на Манолев, е Бобан Ацевски кој е по професија електроинжинер и кој професионално си ги извршува работните обврски веќе 14-ет години во својата струка. Ацевски моментално е вработен во ЕСМ?. Тој е од редовите на СДСМ и е роден е на 11.02.1980.
На денешната седница членовите на Советот дадоа “зелено светло”за одлуката за доделување стипендии за талентирани ученици и талентирани спортисти за учебната 2020/2021 година. Со оваа одлука им се доделуваат стипендии на 20 талентирани ученици и спортски стипендии за пет спортисти-ученици од општинските основни училишта од Карпош. Предвидено е да се доделат 3.000 денари од прва категорија на 14 талентирани ученици и во втора категорија, по 2.500 денари на шест ученици од основните училишта во Карпош. Додека пак четворица спортистите од прва категорија ќе добијат по 3.000 денари, а само еден спортист-ученик ќе добие стипендија во износ од 2.500 денари.
Советниците одобрија и 100.000 денари за набавка на еколошки и дидактички материјали и играчки за децата од предучилишна возраст, со цел развивање и унапредување на методологијата на работа во предучилишните установи. Инаку на денешната седница, советниците дадоа согласност за долгорочно домашно задолжување во рамки на вториот Проект за подобрување на општинските услуги (MSIP 2). Со оваа одлука, Општина Карпош ќе потпише договор за подзаем со Министерството за финансии, во рамки на средствата обезбедени со вториот Проект, за подобрување на општинските услуги кој ќе биде финансираан со заем од Меѓународна Банка за обнова и развој – Светска банка, во висина од 16.646.946 денари, со цел финансирање на капитален инвестиционен проект, реконструкција на улици во Карпош 1 и Карпош 2.
Одлуката за намера за поднесување на концептна нота на Општина Карпош во рамки на проектот „ЕУ за општините“ , беше изгласан и одобрен од советниците на денешната седница на Советот на Карпош. Основата на проектот е да се овозможат вендинг машини за граѓаните, и преку рециклирање да заработуваат. На овој начин, карпошани уште повеќе ќе се мотивираат за да рециклираат, правилно да го одложуваат отпадот, но и да се овозможи заштита на животната средина.
Исто така, во рамки на овој повик се аплицира и за набавка на механизација за кабаст отпад. Односно, набавка на едно возило и четири мобилни контејнери кои ќе се поставуваат по населбите, за граѓаните во истите да фрлаат мебел и покуќнина.
Исто така, во дневниот ред на 50-тата седница на Советот,се изгласа и предлог-одлуката за прецизирање на Одлуката за одобрување средства на лица со попреченост од подрачјето на Општината, по повод 3-ти декември-денот на лица со попреченост.