Заменик претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресусри, Љупчо Николовски и директорката на Инспекторатот за труд, Јована Тренчевска попладнево одржаа состанок со инспекторите од источниот регион. Николовски истакна дека освен мерките за заштита на граѓаните, важно е да нема застој и во производствените и економски процеси и сите активности на фирмите, фабриките и на сите други капацитети да продолжат непречено да ги извршуваат своите обврски.
-Затоа е од исклучителна важност работодавачите да обезбедат безбедни услови за работа со кои ќе го заштитат здравјето на работниците и почитувањето на правата на работниците, а со тоа ќе се обезбедат услови за одржливо производство и за продуктивност на економијата во целост. Токму Државниот инспекторат за труд е клучниот контролен механизам за надзор врз примената на уредбите и здравствените протоколи за работа на работните места. Работниците се моторот на нашата македонска економија и во оваа здравствена криза мора да се грижиме и да ги носиме мерките за да го зачуваме секое буквално работно место, вели Николовски.
Тој истакна дека по појавата на пандемијата овој Инспекторат доби надлежност да постапува и по новите уредби и КОВИД-протоколи, а кои се однесуваат на превентивните мерки за сите работни места.
-Со најновите измени на Законот за заштита на населението од заразни болести донесен претходниот месец Трудовиот инспекторат исто така доби поголеми надлежности за постапување со прекршителите на уредбите и протоколите. Воедно овој Инспекторат врши надзор и врз примената на законите и другите прописи за работните односи, вработувањето, безбедноста и здравјето при работата, колективните договори, договорите за вработување и да не зборам за останатите закони – волонтерство, практиканство, вели Николовски.
Тој ги охрабрува сите инспекциски служби да продолжат со интензивни контроли и како што рече ја имаат неговата поддршка и на Владата, а нема толеранција кога е во прашање заштитата на здравјето на граѓаните и на работниците во овој случај.
-Ние како Влада ќе им ги овозможиме сите услови, за тоа разговаравме и ќе продолжиме да разговараме во наредниот период за да ги јакнеме капацитетите и да ги обезбедиме сите неопходни услови за работа на сите инспекторати. Ја користам оваа прилика повторно да апелирам да се почитуваат мерките и протоколите. Со тоа ќе помогнеме и на здравствените работници, ќе помогнеме и на овие инспектори коишто се битна алка во целокупниот систем и на сите оние коишто во овие девет месеци водат битка за секој човечки живот, водат битка со пандемијата со која што сме погодени, ние и целиот свет и само така ќе продолжиме заеднички да ја пребродиме и да се избориме со оваа здравствена криза, вели Николовски.
Директорката на државниот инспекторат за труд, Тренчевска вели дека тие се единствената инспекциска служба која што врши инспекциски надзор во сите јавни, и приватни и јавни субјекти согласно надлежностите од позитивната законска регулатива од делот на работните односи, безбедност и здравје при работа.
-Како илустрација за нашата посветеност во работата и за она што значи секојдневно вршење на инспекциски надзори сакам да ги кажам бројките од извештаите за месец ноември. Во текот на месец ноември се спроведоа 2.272 надзори во правни субјекти, беа издадени 106 решенија за утврдени нерегуларности во текот на инспекцискиот надзор и издадени 15 платни налози за непочитување на одредбите од Законот за заштита на населението од заразни болести. Тринаесет платни налози беа издадени на физички лица вработени во правните субјекти, еден платен налог беше издаден на правното лице и еден платен налог беше издаден на одговорното лице во правното лице, вели Тренчевска.
Посочи дека во текот на изминатите три дена се извршени 391 надзор кај правни субјекти и издадени се 15 решенија за утврдени нерегуларности согласно законската регулатива од областа на работните односи и Законот за здравје и безбедност при работа.
-Не се утврдени нерегуларности во делот на почитувањето на протоколите што ми дава за право да заклучам дека постепено правните субјекти ги почитуваат протоколите и се грижат да обезбедат здрава и безбедна средина за справување со ширењето на корона вирусот, рече Тренчевска.
Согласно проценката на ризик и извештаите кои што ја прави Државниот најризични дејности каде што се појавуваат нерегуларности се трговијата со големо и мало, производствените дејности, текстилната индустрија, градежништвото, угостителството и транспортот и сообраќајот.