Министерот за здравство Венко Филипче денеска ќе има работен состанок со Координативното тело за вакцини за Ковид-19 преку КОВАКС механизмот, кој обезбедува глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација. На состанокот ќе се разгледува стратегијата за имунизација со вакцина за Ковид-19, како и за приемот и дистрибуцијата на вакцините, категориите на граѓани кои ќе бидат први вакцинирани, како и текот на постапката на вакцинација.
Последните денови се забележува благ пад на новозаразените. Во претходното деноноќие, од направени 3399 тестирања беа регистрирани 1342 нови случаи на коронавирусот, починаа 22 лица, а Институтот за јавно здравје регистрира 679 оздравени пациенти.
Од активните случаи најмногу се во Скопје – 10477, Прилеп – 1031, Гостивар – 996, Тетово – 974, Битола – 942, Куманово – 886. Во другите градови има помалку од 800.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 65231, бројката на оздравени пациенти е 41656, на починати е 1847, а бројот на активни случаи изнесува 21728. Од вчера се евидентира еден контролен тест, а според досега завршените епидемиолошки анализи во моментов дистрибуцијата по градови е следна:
Од следната недела ќе почне да работи пункт за тестирање со брзи антигенски тестови за коронавирусот и во скопско Шуто Оризари. Матичните лекари ќе можат да закажат термини за тестирање веќе од понеделник. Од среда ќе почне тестирањето и ќе се одвива секој ден од понеделник до петок во прва смена, информираат од Министерството за здравство. Во Скопје досега имаше шест пункта за брзи тестови и тоа во поликлиниките во Ѓорче Петров, Чаир, Ченто, Бит Пазар, Јане Сандански и Млин Балкан. На овие пунктови дневно се прават по 360 тестирања, соопштуваат од министерството. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1318 и има колку 130 празни болнички кревети во ковид центрите.
Во центрите во Скопје хоспитализирани се вкупно 461 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 108 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 151 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 35 пациенти, од кои седум деца и 28 возрасен. На Институтот за ТБЦ се примени вкупно 43 пациенти со симптоми на корона вирусот. Во болниците низ државата најмногу хоспитализирани има во Прилеп 128, во Куманово има 110 пациенти, во болницата во Битола се хоспитализирани 81 пациент позитивен и суспектен на Ковид-19.
В.д. директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов вчера изјави дека директорите на болниците бараат засилено обезбедување.
– Имаме побарувачка од директорите на болниците да го зголемиме бројот на припадници на Армијата зашто луѓето се чувствуваат побезбедно кога има војска, вели Ангелов.
Тој истакна дека Главниот кризен штаб постојано заседава и е подготвен да реагира во секој момент, доколку има потреба. Припадниците на безбедносните сили може да се соберат за половина до максимум еден час.
Ангелов, исто така, соопшти дека потенцијален ризик за ширење на заразата се и мигрантите.
– Имаме информации дека во одредени кампови е силно раширен КОВИД-19, затоа што тие таму немаат никакви услови, посебно нехигиенски, а да не зборуваме за дистанца. Натрупани се особено во некои кампови во Грција каде бројката е повеќекратно поголема од дозволената и нивниот трансфер, влез и движење низ земјава може негативно да се одрази освен безбедносно и во однос на ширењето на КОВИД, рече Ангелов.
Тој истакна дека нашите војници освен што го обезбедуваат здравствените капацитети како поддршка на полицијата, истовремено се распоредени и на јужната и северната граница.