Рускиот прволигаш Динамо Москва во јануарскиот преоден рок ќе направи втор обид да го донесе во своите редови десниот бек на македонската фудбалска репрезентација и член на Спортинг Лисабон, Стефан Ристовски.
Според португалскиот весник „А Бола”, Ристовски е дамнешна желба на прволигашот од Москва и рускиот тим ќе направи сериозен обид во претстојниот преоден рок да го донесе македонскиот репрезентативец.
Спортинг во летниот преоден рок ја прифати понудата од московски Динамо за трансфер на Ристовски за сума од три милиони евра, но македонскиот репрезентативец не даде согласност, настојувајќи да остане во португалскиот прволигаш и да се обиде да го врати првотимскиот статус.
Весникот наведува дека, во меѓувреме, работите во Спортинг не се промениле кон подобро за Ристовски, кој со наближување на Европското првенство, несомнено ќе бара нов клуб.