Драги браќа и сестри Македонци!
Живеев живот вон очите на јавноста и сакав така и да остане. Мислев дека моето семејство дало доволно крв за Македонија.
Но, јас, како што верувам и секој од нас, секој чесен Македонец, не би можел да премолчи кога нечии политички игри му чепкаат во семејството.
Зоран Заев го навреди моето семејство. Зоран Заев ги навреди моите дедо и татко. Зоран Заев ме навреди мене. Го навреди и моето дете. Што јас да му раскажам? Како да ја пренесам личната, семејната историја? Како да го избришам семејното херојство, но и преживеаниот терор на мојот народ? Зар треба да го кријам мојот дедо од сопственото дете?
Потекнувам од семејство кое било директно вклучено во организирањето и борбата за ослободување на Македонија од фашистичкиот окупатор, како и за нејзино осамостојување.
Раде Јовчевски- Корчагин е мој дедо, еден од основачите на двата скопски партизански одреди, кои биле формирани со цел да ја ослободат Македонија од окупаторот. Зарем Македонците тогаш не можеле да разликуваат „администрација“ од окупација, па формирале партизански одреди за да се борат против оние кои пријателски убивале и вршеле злодела низ Македонија?!
Поради неговите дела и борба за ослободувањето на Македонија од Бугарскиот фашистички окупатор, два пати бил осудуван со смртна пресуда во негово отсуство.
Бил ладнокрвно убиен од Анто Георгиев- Антов, бугарски агент, по наредба на бугарската полиција.
Се прашувам, дали за ваква „администрација“ Заев сега сака да ни наметне да мислиме дека ни помогнала во ослободување од окупаторот.
Отворено го прашувам Зоран Заев: Дали според неговото сфаќање на историјата (во која, инаку, не се разбирал, како што самиот рече), симнувањето на историските обележја и промена на 20-те табли на кои пишувало „бугарски фашистички окупатор“ значи почеток на менување до укинување на целата вистина? Значи ли дека неговата безрезервна љубов кон бугарската држава е вовед во второто убиство на Корчагин?
Дали, во интерес на „добрососедството“, гимназијата „Раде Јовчевски- Корчагин“ ќе биде преименувана во „ Анто Георгиев- Антов “, убиецот на мојот дедо?
Македонија!
Македонски народ!
Македонски јазик!
Македонска историја!
Македонски фолклор!
Македонска култура!
Македонска држава и република!
Дали болат овие зборови? Дали некому му параат уши кога ги слуша?
Како Македонка и мајка, се прашувам во каква Македонија ќе го оставам ова дете да расте? Како ќе му објаснам на ова дете дека еднаш беше една Македонија која имаше историја и луѓе кои ги дадоа животите за неа, ама беше предадена од еден, на кој ништо не му беше свето и кој поради свои лични интереси даде се.
Народе, излези, спротивстави се! Не дозволувај да ти го одземат идентитетот, зошто без него, ќе бидеш никој!
За на крај, нашиот „заеднички“ Гоце кој му се обраќа на еден бугарски генерал еднаш рекол: „Ние, знаете кои сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа за нас е живот или смрт.
Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме, и кога. Кога да се прави востание ќе реши народот. Нема да дозволиме да ни командувате од тука.Но, знајте, ние не бараме покровители, а уште помалку господари“.
Да живее Македонија!