Мобилната сообраќајна единица при Министерството за внатешни работи вчера и денес спроведува нови засилени сообраќајни акциски контроли во Тетово и Гостивар. Портпаролот на Министерството Тони Ангеловски од Тетово порача дека овие активности даваат резултат.
-Засилените акциски контроли продолжуваат и во текот на денешниот ден и во наредните денови. Апелирам до граѓаните на Тетово и Гостивар секако и до сите граѓани да ги почитуваме заеднички правилата и прописите во сообраќајот и на тој начин заеднички да придонесеме за побезбедни улици и побезбедни патишта. Она што е факт, од кога започнавме со овие засилени акциски контроли има осетно намалување на сообраќајните незгоди особено на оние со тешки последици, зборува на сообраќајни последици со жртви, истакна Ангеловски.
Покрај акциските контроли на мобилната единица на СВР, Ангеловски посочи дека големо влијаение во подобрување на состојбите во сообраќајот имаат секојдневните активноси на полицајиците на СВР Тетово.
-Благодарејќи на нивната континуирана работа имаме намален број на сообраќајни незгоди и намален број на санкции. Се гледа на терен и работата од сообраќајната полиција на колегите од СВР Тетово, рече портпаролот.
Санкциите кон граѓаните придонесуваат за намалување на прекршоците но и најважно за зачувување на човечките животи.
-Целта е да се намалат жртвите, не да се казнат граѓанинот. Овие казни делуваат и превентивно, тоа го гледаме и од резултатите. Ние во среда ќе имаме конкретна анализа и конректни бројки, имаме рапидно намалување на сообраќајните незгоди. Човековиот живот нема цена. Овие мерки се преземаат за да спасиме што е можно повеќе животи, односно да се намали бројот на жртви, истакна портпаролот на МВР.
Во Тетово и во Гостивар вчера мобилната единица бележи 202 санкции од кои 36 се за нерегистирани возила, 24 се за возење без возачка дозвола, како и за неносење на заштитна маска, возење под дејство на алкохол како и други санкции.