Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска под мотот „Протест сега за да не биде предоцна“, пред Владата организираше, како што посочуваат, надпартиски протест со барање за оставка на премиерот Зоран Заев. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред присутните обвини дека власта преговора за идентитетот, јазикот, историјата, а историските комисии го потврдиле тоа, наведувајќи две работи.
„Сакам да му порачам: Народ има, и само ако се дрзнеш да чепнеш по нашиот македонски идентитет, по нашата култура, обичаи и традиција ќе видиш што е народ. Ќе ти се случи народ, но овој пат нема бегање од тој истиот народ“, рече Мицкоски.
Тој го обвини Заев дека тргува за пари, а зад неговата попусливост се крие финансиски интерес.
Мицкоски испрати и пораки до политичарите во Софија и до меѓународната заедница.
„Втората порака е до политичарите во нашиот источен сосед. Залудно преговарате со овие домат-дипломати, залудно преговарате, договарате, заедно мислите дека тоа што со нив мислите дека ќе го ставите на хартија ќе биде обврзувачко за нас. Еве ќе ве потсетам на тоа што го зборувам веќе со недели. Не постои такви парче хартија кое што ќе го почитува идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, владата на национално единство. Никогаш нема да прифатиме таков ултиматиум. Последната моја порака е до нашите пријатели, нашите сојузници во Брисел, во Париз, во Берлин, во Виена, во земјите членки на ЕУ минус една. Знам често пати сме зборувале и тоа го зборував пред една недела токму овде. Знам дека вие го сакате овој народ, имате посебна емоција во вашите срца и за овој народ и за македонската држава и знам дека се ќе сторите за отпочнат тие долги очекувани преговори а ние ќе ви покажеме и докажеме дека знаеме и умееме по најкратката патека на најбрз начин да бидеме дел од тоа обединето европско семејство. Вас не ви треба домат дипломати кои што го распродаваат тоа кое што со крв го платиле нашите дедовци. Тоа го прават почитувани колеги од Брисел од Париз од Берлин од Виена за да можат дома да крадат. За да можат тука да го пљачкосуваат својот народ, таму коленичат и се веднат и распродаваат за да можат дома да крадат“, рече Мицкоски.