Во последно време зачестени се кривичните дела – измами при купопродажба на патнички моторни возила. Четириесет и двегодишен маж од Дебар е новата жртва на оваа измама. Тој во полицијата вчера пријавил дека бил измамен додека го продавал својот автомобил.
Купувач било лице кое се претставило како Ф.С. од Скопје, а со кое на нотар склучиле договор за купопродажба на автомобил.
„Ф.С. без да му ги исплати парите, влегол во возилото и го напуштил местото“, информираат од полицијата.
МВР пред два дена предупреди дека ваквите случаи се зачестени.
„Од страна на измамниците се склучуваат нотарски договори без да бидат дадени пари на продавачот на возилото, притоа искористувајќи повеќе невистинити искази за одолговлекување на плаќањето. Потоа, измамниците одбегнуваат секаков контакт со оштетените, стекнувајќи се со противправна имотна корист“, предупреди МВР.
Министерството презема засилени мерки за расчистување на пријавените измами, но апелира до граѓаните да бидат внимателни да не склучуваат договори без да им бидат исплатени парите.