Општина Кисела Вода во урбаната заедница Пинтија, на површина од 1.500 м2 прави нов зелен парк.
На местото кое долги години не беше уредно и на кое несовесни граѓани имаа создадено дива депонија од градежен шут, Општината со поддршка од Ротаракт клуб – Скопје, денеска засади 60 листопадни дрва од родот каталпи. Во моментов, во новиот парк се поставува систем за наводнување на дрвата. Покрај ова, во населбата Драчево, во дворот на општинското основно училиште „Рајко Жинзифов” засадени се 35 дрва, платани и јавори.
Во активностите за садење дрва, вклучени беа повеќе членови на Ротаракт клуб – Скопје, општинските работници, секретарот на Општина Кисела Вода, Александар Алексовски и членот на Советот на Општината, Зоран Ацевски.
По овие активности, Општина Кисела Вода следната година, на почетокот на пролетта на површината ќе засади и трева.
Општина Кисела Вода за донацијата од 95 дрва упатува благодарност до Ротаракт клуб – Скопје.