Почна 11. Школа за млади лидери на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, која по прв пат се организира онлајн. Школата за млади лидери ќе се одржи во текот на овој и следните два викенди во декември на темата „Лидерството во услови на глобални кризи”.
Оваа година, како што соопштија од кабинетот на Иванов, околу 40 учесници и 20-тина предавачи од земјава и од странство ќе бидат дел од Школата за млади лидери која се одржува на платформата Zoom.
На свеченото отворање на Школата, покрај претседателот Иванов, своја порака до учесниците испратија премиерот на Република Словенија, Јанез Јанша, и поранешниот претседател на Чешка Република (2003-2013), Вацлав Клаус, а свое предавање одржа и проф. д-р Исмаил Серагелдин, основач и директор на новата Александриска библиотека во Александрија.
Претседателот Иванов во своето обраќање до учесниците порача дека лидери се тие што ја преземаат иницијатива и одговорност во време на кризи. Истакна дека покрај ковид кризата, светот се соочува со повеќе кризи, како што се финансиска, здравствена, хуманитарна, еколошка, криза на ресурси и др. Сепак, нагласи дека во ковид кризата излезе на површина што е потребно да се биде глобален лидер. Се осврна и на успешното справување во државава со мигрантската криза како позитивен пример на менаџирање во криза. Исто така, ги нагласи особеностите на женското лидерство низ успешни примери, информираат од кабинетот на поранешниот претседател.
Словенечкиот премиер Јанша поздравувајќи ги учесниците на Школата нагласи дека добрите лидери стануваат уште подобри кога и ако бидат предизвикани. – Можете да го издржите предизвикот само ако сте самоуверени. Оваа внатрешна сила не е можна без да се познавате себеси, вашите корени, вредности, таленти и можности. Предизвиците го обликуваат карактерот, а карактерот развива мудрост и идеи кои се неопходни за лидер, рече премиерот Јанша.
Нагласи дека лидери можат да бидат тие кои не се фиксирани на политичка позиција, но имаат визија, што повлекува дека се свесни за тоа што е императив и каде може да направат компромис.
Поранешниот чешки претседател Клаус се осврна на прекумерните активности на властите и злоупотребата на епидемијата на Ковид од страна на медиумите кои шират страв низ целиот свет, што резултира со хипотезата на социјална дистанца. – Сметам дека тоа е опасен чекор кон забрзување на фрагментацијата и атомизацијата на човечкото општество, кон победата на експерто-кратијата во нашите земји и кон видливата и непобитна загуба на нашите слободи, рече Клаус.
За државава рече дека треба да го најде нејзиниот modus vivendi во Европа и посебно во или најмалку со ЕУ, што не е лесна задача. Потсети и на неговиот познат став дека ЕУ изгледа подобро однадвор, отколку одвнатре.
Д-р Серагелдин во предавањето за младите учесници се осврна на преобликувањето на светскиот поредок и низ теоретски и филозофски пристап го посочи незапирливиот технолошки развој и неговата улога во создавањето на новиот свет. Истакна дека од голема важност е да го разбереме минатото, да се насочиме кон сегашноста и да создадеме визија за иднината, следејќи ги сопствените вредности.
Меѓу предавачите годинава ќе бидат и Сани Шенер, главен извршен директор и претседател на „ТАВ аеродроми”; Макс Сонг, специјалист за податоци и градење на инвестициски можности; Данит Гал од Леверхулм Центарот за иднина на разузнавањето на Универзитетот во Кембриџ; Кордел Картер, извршен директор на програмата Сократ на Институтот Аспен; Рза Алијев, менаџер за развој и имплементација на политики, Бритиш Петролеум; Симона Чаминска, Глобална недела на претприемништвото во Македонија; Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија; Рашела Мизрахи, пратеник во Собранието; Амани Бен Лахдар од компанијата за виртуелна едукација Солија, а две онлајн активности на учесниците ќе бидат организирани од компанијата за деловна едукација, за менаџмент консалтинг, образование и обука „Мотива”.
Школата за млади лидери е лична иницијатива на Иванов која почна на почетокот на неговиот прв мандат. Во текот на досегашните 10 обуки, учествуваа околу 400 млади луѓе од целата земја, но и од странство, со различен академски и професионален фокус. Пред десетте генерации учесници на Школата за млади лидери, свои предавања одржаа над 200 реномирани предавачи од државава, Европа и светот. Во 2018 година, Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели, стои во соопштението.