Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска присуствуваше на отворањето на новиот објект „Прв Чекор” на детската градинка „Гоце Делчев”, во населеното место Миладиновци, општина Илинден.
Објектот е со капацитет за згрижување и воспитание на 75 деца на возраст до 6 години односно до поаѓање во училиште,организирани во четри хомогени згрижувачко-воспитни групи.
„За нас секое дете е важно. Предучилишното образование го поставува темелот на кој што младата детска личност, се гради во иден ученик во основно училиште, средно образование и академски граѓанин,” изјави министерката Шахпаска.
Таа потсети дека од почетокот на мандатот, покрај денешната во Илинден, беа отворени и градинките во Сарај и Гостивар, а до крајот на годината планирано е и отворање на градинките во Ресен, Боговиње и уште четири други градинки. Воедно таа истакна дека Министерството за труд и социјална политика продолжува посветено да работи на поставената цел, опфат на нови 7500 деца во детските градинки до крајот на мандатот на Владата на Република Северна Македонија.
„ Илинден е општина во раст, проширувањето на капацитетот на градинките е особено важно, бидејќи предучилишните установи се клуч за дружење и социјализација на децата,”истакна градоначалникот Стојановски.
Тој информираше дека новата градинка е високо енергетски ефикасен објект кој ги задоволува највисоките стандарди. Како и дека вкупната инвестиција во соработка со Министерството за труд и социјална политика изнесува 33 милиони денари.