Повеќе од 100 луѓе, кои учествувале на денешните протести во Белорусија, се притворени, соопшти организацијата за заштита на човековите права „Весна”.
На веб страницата на организацијата е објавен список со приведените демонстранти, на кој моментно се наоѓаат 107 имиња. Најголем дел од нив се во Минск, а останатите во Брест, Гродно, Смолевичи и Хотежино.
Меѓу уапсените има и неколкумина новинари кои работеле за руски медиуми и известувале од протестите, соопшти Белоруското здружение на новинари. Тие се однесени во полициска станица и откако им биле проверени документите биле ослободени.
Опозицијата во Белорусија денеска ги организираше своите најголеми протести. Наместо поворка низ центарот на Минск, се одржаа неколку локални акции во различни делови на главниот град.
Според очевидци и локалните медиуми, мали групи приврзаници на белоруската опозиција се собираат во различни делови на Минск, каде безбедносните сили се обидуваат да спречат формирање колони.
Масовни протести започнаа во Белорусија по одржувањето на претседателските избори на 9 август, на кои претседателот Александар Лукашенко прогласи победа со освоени над 80 проценти од гласовите. Изборните резултати не беа признати од белоруската опозиција.