Поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај за албанската Ора њуз телевизија категорично изјави дека ако не биде тој претседател на Косово ќе се оди на вонредни парламентарни избори.
-Прашањето на претседателот е прашање на политички договор меѓу партиите. Како коалиција имаме мнозинство, но тоа е многу ограничено мнозинство. Тоа значи дека имаме околу 20 гласа помалку за ова прашање и опцијата е Движењето „Самоопределување”, значи постигнување договор со нив или со Демократската партија на Косово. Ова е она што го чека Косово, можноста да се најде договор или да се оди на избори, рече Харадинај
Тој и претходно јавно кажа дека ја посакува функцијата шеф на државата, откако Хашим Тачи поднесе оставка по покренатото обвинение од Хашкиот трибунал.
Додава дека како партија тие предложиле опција за политички договор, но во случај на недоразбирање се разбира дека Косово оди на избори.
-За среќа, Косово досега покажа дека е способно за спроведување избори, демократијата се почитува, но исто така знае како да го спроведе изборниот резултат како случајот кога јас поднесов оставка. Јас не гледам на ова како грижа за мене, за политичкиот аспект, за Косово. Косово има внатрешна енергија за да го надмине ова. Аспектите на прашањето за избор на претседател ќе бидат
решени врз основа на Уставот. Како партија предложивме опција што е политички договор. Друга опција се избори. Ако има разбирање од партиите, ние го поздравуваме, ако не се разбира одиме на избори, рече Харадинај.
Посочи дека немал непосредна средба со лидерот на „Самоопределување” Албин Курти туку само размена на честитки за празници.
Претседател на Косово се избира во парламентот со 80 гласови или двет третини од пратениците.
Премиерот Авдулах Хоти за истата телевизија потврди дека владејачката коалиција го нема потребниот број пратенички гласови и додаде дека доколку со опозицијата не се постигне договор неминовни се нови избори.
-Актуелната владејачка коалиција има мнозинство, но не и 2/3 од гласовите. Како владејачка коалиција мора да седнеме со опозицијата за да ја видиме нивната волја. Ние правиме неколку неопходни консултации за да ја организираме првата политичка тркалезна маса за да видиме дали политичките партии се подготвени да го изберат новиот претседател на државата, рече Хоти.
Додаде дека доколку се подготвени ќе продолжат разговорите за критериумите за можни кандидатури за претседател на земјата.