Првиот пат кога ќе влезете во “црвената зона” со болни од ковид 19 е најстрашниот момент. Во моментов сум ангажиран во Ковид центарот на интерните клиники, поточно на клиниките за неврологија и дерматовенерологија каде што ординирам терапија и ја следам состојбата на болните од ковид 19 кои имаат претежно белодробни компликации- вели за 24 инфо Д-р.Злате Мехмедовиќ специјалист по трудова медицина сега на супспецијализација на Клиниката за пулмологија. Со докторот разговаравме за епидемијата на ковид 19 која е во полн ек. Побаравме да ни објасни како му почнува еден работен ден, како се работи колку трае смената колку членови има еден тим…
Работниот ден ми започнува на Клиниката за пулмологија каде секое утро имаме стручен состанок со колегите. На состанокот реферираме за состојбата во центрите, дискутираме за проблемите и решенијата за истите, ги разменуваме со колегите искуствата и впечатоците стекнати во ковид центрите. По завршувањето на состанокот се упатуваме кон зелената зона на ковид центарот, тоа е безбедниот дел од центарот каде што се облекуваме во заштитна опрема( скафандер, визир, маски, капи, ракавици-трето највисоко ниво на заштитна опрема), минуваме низ жолтата зона за деконтаминација и влегуваме во црвената зона каде што се сместени пациентите.
Во црвената зона заедно со колегите од клиниките за неврологија и дерматовенерологија правиме визита, секој пациент е детално обсервиран, прегледан и рефериран за време на визитата и во зависност од промените во здравствената состојба се прават корекции во терапијата и се назначуваат нови дијагностички процедури. Тимот на здравствени работници кои е сочинет од лекари специјалисти, специјализанти, медицински сестри, болничари, лаборанти, рентген техничари и секој од нив е исклучително важен, неопходен. Процесот на лекување на пациентите болни од ковид 19 е сложен и тежок и секој член од тимот има посебни одговорности и обврски од кои во голем дел зависи колку успешно ќе биде лекувањето. Болеста има непредвидлив тек, но знаеме дека со максимална ангажираност на секој од нас шансите за преживување на пациентите за кои се грижиме се поголеми. И тоа е нашиот мотив да останеме будни и кога сме уморни, да останеме на работа и кога ќе ни заврши смената, да “наминеме” онака “случајно” кога имаме слободен ден за да го видиме некој пациент што бил во критична состојба. Затоа нашите смени не се бројат во часови, иако би требало да траат 8 часа, тие траат многу повеќе.
Како одредувате кој пациент ќе остане во болница и како почнува лекувањето што прво се дава бидејки немаме протокол за лечење на пацинети заболени со ковид?
Уште во периодот кога се подготвуваа за пренамена интерните клиники во ковид центри, стручниот колегиум на клиниката за пулмологија инсистираше да постои еден протокол базиран на медицина заснована на докази согласно кој ќе се врши прием, дијагноза, третман и рехабилитација на пациети болни со ковид 19. Протоколот кој со консензус се одлучивме да го користиме како најсоодветен за адаптација нашиот здравствен систем беше хрватскиот протокол за лекување и истиот денес се применува во ковид центрите на интерните клиники.
Во тој протокол е точно дефинирано во која фаза од болеста е неопходна хоспитализација. Пациентите кои имаат ковид пнеумонија( воспаление на белите дробови), кај кои сатурацијата со кислород на крвта е под 93% без кислородна поддршка, фрекфенција на дишењето со повеќе од 30 респирации во минута, тахикардија, покачен крвен притисок-се пациенти кои се со висок ризик за смртност од ковид 19. За нив е потребна кислородна поддршка, медикаментозен третман, болничка нега и истите ги хоспитализираме во ковид центрите.
Може ли да се постигне се во текот на денот од прием на пациенти, контрола на веќе примени, не ли е преморен персоналот?
Кога се борите за човечки живот не се прашувате”дали можете”, едноставно морате да постигнете! Изгледа страшна бројката од 70, 80,90 прегледи во тек на една смена од 8 часа. Математички, физички, медицински, човечки е нереално да очекувате еден организам тоа да го издржи. Но еве го поминавме и овој ден, издржавме, фала му на бога живи сме и здрави, а тоа е се што ни треба за да имаме сила утре пак да го направиме истото. Медицинскиот персонал на плеќи ја носеше и ќе ја носи оваа криза до нејзината конечна разрешница. Во некои помирни идни времиња, за кои сум убеден дека ќе дојдат, очекувано е стресот и заморот да си го земат својот данок и за тоа сме свесни. Затоа се чуваме, барем онолку колку што можеме и колку што ни дозволуваат околностите. Понекогаш и забораваме на тоа дека треба да се чуваме. Тоа е тежината на професијата која што сме ја избрале, а сме ја избрале со срце, си ја сакаме, па си ја работиме дури и тогаш кога сме преморени.
Постои ли страв од зараза бидејки сте дирекно вклучен во целиот процес. Што по завршувањето на работниот ден?
Првиот пат кога ќе влезете во “црвената зона” е најстрашниот момент, постои некаква “сомнеж” дека заштитната опрема не доволна за да ве заштити од коронавирусот. Потоа треба да се вратите дома, кај вашите најмили, и голем е стравот дека можете да го пренесете вирусот на нив. Како поминуваат деновите, така “расте” и довербата во заштитните мерки кои ги применуваме за заштита од коронавирусот и таа доверба е мерлива преку моето и здравјето на моите најмили-сите сме здрави и сеуште негативни на коронавирус.
Сметате ли како лекар дека целиот систем е добро организиран за справување со пандемијата?
Мојот пристап е општо познат, јас секогаш сум и давал предност на превентивата, и за мене клиничкиот третман е секогаш планот Б. Успешниот превентивен пристап се базира на правилото на трите И: иновирај, интегрирај, инвестирај. Сметам дека недостасуваа иновирањето и интегрирањето во превентивниот систем и тоа е нешто што по инерција го направија најголемиот дел од земјите на глобално ниво, препишувајќи ги мерките едни од други и повторувајќи ги на тој начин грешките кои ги некои земји ги направија. Исклучок од ова беа земјите кои одбраа да учат од грешките на другите,Јужна Кореа, Малезија, па во одредена мерка и Кина одбраа иновативно и интегративно да ја применат превентивата како план А. Денес тие земји статистички се рангирани на светско ниво како земји кои најдобро се справија со оваа пандемија.
Што мислите околу лекувањето без протокол?
Неприфатливо е да се лечи без протокол. За лекарот протоколот е патека за тријажа, дијагноза, третман и рехабилитација која е изградена на медицина базирана на докази. Тоа е основната алатка која секој добар клиничар секогаш ја употребува. Потребно е да знаеме дека протоколите не се догми кои не се менуваат, напротив тие се создадени како резултат на стручноста и искуството на лекарите, потврдени преку соодветни научни студии. Протоколите се менуваат со текот на времето, согласно новите сознанијата, откритија од областа на медицинските науки. Но неменлив е фактот дека тие морат да постојат за да се заштити пред се здравјето на пациентот преку еден таков медицински научен, стручен консензус. Хрватскиот протокол за третман на пациенти со ковид 19 со стручен консензус беше прифатен како најсоодветен за третман, и денес се применува во ковид центрите на интерните клиники.
Што би им препорачале на луѓето кои сеуште не веруваат дека вирусот постои?
Би им препорачал неколку пати да го препрочитаат ова интервју, се потрудив преку зборови да го опишам она што го гледаат моите очи и она што јас го чувствувам додека сум во црвената зона на ковид центарот. И мачна е таа слика, тешко се наоѓаат вистинските зборови за агонијата која ја гледаме во лицата на критично болните. И искрено, од срце посакувам ничие лице повеќе да не го видиме во таа агонија, а за тоа е потребно само едно-да веруваат дека тоа може да му се случи на секој од нас.
Што прво ќе направите откако ке заврши пандемијата и каде се гледате себе си после неа?
Денес имав интересен разговор со еден колега, ми рече “Кога ќе имаш време, замини на село, планина, ама не 2 дена, не една недела, туку на еден месец… и не размислувај за ништо, одмори си го мозокот”. Звучи интересно и неопходно, сериозно размислувам да си го “приуштам” тоа задоволство кога ќе заврши оваа криза. А кога ќе заврши кризата и одморот, себеси се гледам повторно во здравствениот систем, како доктор субспецијалист по пулмоалергологија и специјалист по медицина на трудот, како клиничар и пред се-како превентивец.
Валентина Ангеловска