Тотенхем убедлив против Арсенал

Тотенхем на Жозе Мурињо повторно одигра меч во свој стил, дојде до победа над Арсенал (2-0) и го задржа врвот во англиската Премиер лига по единаесет одиграни кола.

„Петлите“ беа доминантни, а на победата кумуваше најдоброто дуо во фудбалот во моментов – Хари Кејн и Хјонг-Мин Сон. Двајцата си асистираа за по еден гол, двапати го матираа Лено и на контото на Тотенхем ги донесоа трите бода од лондонското дерби.

Резултатот го отвори Сон во 13. минута, откако доби топка на средината од теренот, сам повлече, па со неверојатен шут од далечина го измами Лено кој беше позициониран навистина лошо.

Кога сите чекаа крај на првото полувреме, Ло Селсо повлече контра, додаде до Сон, а тој на левата страна го пронајде Хари Кејн откако си поигра со одбраната на „топџиите“. Англиската ѕвезда биеше речиси од „мртов агол“ и погоди со помош на пречката за 2-0.

Во второто полувреме Арсенал имаше две убави шанси да постигне гол и да се врати во игра на натпреварот, ама Лорис не дозволи да се тресе неговата мрежа.

По победата во дербито, Тотенхем дојде до бројката од седум победи и со 24 бода е на врвот, пред Челзи со 22 и Лестер и Ливерпул со по 21 бод. Арсенал, пак, четири кола во низа нема победа и се наоѓа на петнаесеттото место.

Треба да знаете
Последни објави