Една десетина од Французите веќе биле заразени со Ковид-19

  Според Институтот Пастер, околу една десетина од Французите веќе бил заразени со Ковид-19 од почетокот на пандемијата. Но, постојат значителни разлики од еден до друг регион на земјата, јави дописникот на МИА.

Според пресметките направени од Институтот Пастер, за тоа колку интензивно циркулира вирусот на француската територија од минатиот февруари, произлегува дека нешто повеќе од една десетина од Французите (11,3 отсто) веќе биле заразени со коронавирусот од почетокот на епидемијата. Ова претставува околу седум милиони жители, бројка трипати поголема од бројот на официјално регистрирани позитивни тестови. Според официјалните податоци на Јавното здравство Франција, во петокот, на 4 декември, официјално се регистрирани 2.268.552 случаи во земјата. Но, резултатите меѓу регионите на Франција се раликуваат многу..

Регионот Ил де Франс (парискиот регион), жариштето на епидемијата за време на двата бранови, останува област во која вирусот има циркулирано најмногу оваа година, проценува Институтот Пастер, кој се базира на бројките утврдени  на 30 ноември . Дури  21,3 отсто од жителите на Ил-де-Франс веќе се заразиле со Ковид-19 . Во Париз, секој четврти жител веќе е заразен.

-Ако имате 20 отсто од луѓето кои се имуни, кои нема да ја имаат оваа болест и априори нема да го пренесат вирусот, има помалку можности за контаминација од човек на човек, објаснува професорот Бертранд Гидет, раководител на единица за интензивна нега во болницата Сент Антоан (Париз).

Другите региони, особено погодени за време на првиот или вториот бран, исто така, покажуваат повисоки стапки од националниот просек. Детално, 15,2 отсто од жителите на Гранд Ест се веќе контаминирани. Оверњ-Рона-Алпи (14,3 отсто), От-Франс (12,9 отсто), Прованс-Алпи-Азурен брег (12,2 отсто) и Бургоњ-Франш-Комте ( 12,1 отсто).

Сепак, другите региони беа помалку погодени. Тоа се Центар-Вал де Луар (7,5 отсто), Нормандија (6,7 отсто), Окситанија (6,4 отсто), Пеј де ла Лоара (6,2 отсто), Корзика (5,6 отсто) и Нова Аквитанија (4,4 отсто). Оваа стапка е само 3,6 отсто во Бретања, регионот на Франција, најпоштеден од пандемијата. Во оваа смисла, „ако има трет бран, западот на Франција веројатно ќе биде попогоден од другите делови на земјата”, предупредува професорот Гидет.

Покрај тоа, ако секој десетти Французин веќе имал коронавирус, колективниот имунитет, стратегијата што ја застапуваа некое време некои за природно да се запре епидемијата, е далеку од постигната. Во април минатата година, Институтот Пастер го процени бројот на заразени Французи на 70 отсто за да се надмине прагот на колективен имунитет. Многу повисоко ниво од сегашниот тренд, особено затоа што времетраењето на имунитетот сè уште останува мистерија за научниците.

Треба да знаете
Последни објави