Здравствените домови почнуваат со подготовки за процесот на вакцинација против Ковид-19

 Повеќе клучни сегменти за процесот на вакцинација, чување и дистрибуција на вакцината против Ковид-19, начинот на нејзина апликација, процесот на вакцинирање и како тоа ќе се закажува преку системот „Мој термин”, им беа презентирани вчера на директорите на здравствените домови од цела држава на состанокот со министерот за здравство Венко Филипче.

На директорите на здравствените домови им беше посочено дека почетокот на вакцинацијата нема да значи веднаш намалување на ризикот од Ковид-19, ниту пак веднаш ќе се почувствува намалување на притисокот врз здравствените домови. Ризичните групи, со голем ризик за Ковид 19 ќе бидат приоритетно вакцинирани и за нив вакцинацијата е високо препорачана, но не задолжителна. Вакцинацијата за Ковид-19 ќе биде бесплатна за сите граѓани, а лична одлука на секој граѓанин е дали ќе се вакцинира, информираше Министерството за здравство.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека за вакцинација на граѓаните ќе се користат постоечките вакцинални пунктови во здравствените домови низ државата, болници и други здравствени капацитети, а секој здравствен дом ќе треба да достави извештај по направен увид во човечки капацитети со кои располага, како и задолжителна проверка на техничките капацитети и нивната функционалност. Исто така, посочи, секој здравствен дом ќе мора да назначи одговорно лице за координација и организација на Ковид-19 вакцинацијата.

-Здравствените домови ќе добијат прашалник каде ќе треба детално да го наведат бројот на кадарот за вакцинација, нивната обученост, бројот на вакцинални пунктови, во колку смени работат во работни денови и викенди, како и колку од персоналот учествувал во обуки за одржување на „студен синџир”, истакна професор д-р Александра Грозданова, претседател на Комитетот за имунизација.

Секој здравствен дом, како што се посочува, ќе изготвува записник од извршено примопредавање на вакцината, а преку системот „Мој термин” ќе се следи процесот на вакцинација.

-Се поставува посебен модул на Ковид-19 вакцина, идентичен како оној кој сега се користи за други вакцини. За нашите колеги во вакциналните пунктови ќе биде стандардна постапка за давање вакцина, сепак бидејќи е нова вакцина ќе се организира едукативен тренинг, потенцира проф. д-р Грозданова.

Во меѓувреме, благо намалување на бројот на новозаболени од Ковид-19 во однос на претходните денови беше евидентирано во вчерашниот извештај на Министерството за здравство за изминати 24 часа.

Според податоците во извештајот, дијагностицирани се нови 659 случаи со Ковид-19 од направени 1715 тестирања, починати се 23, а оздравени 774 пациенти.

Вкупниот број позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во државава е 1296 од кои 443 се во Скопје. Во ковид – центрите има околу 150 празни болнички кревети.

Вкупната бројка ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 67 968, бројката на оздравени пациенти е 43 646, на починати е 1924, а бројот на активни случаи изнесува 22 398.

Треба да знаете
Последни објави