Кризниот штаб во Србија ќе предложи на влез во земјата да се прават ПЦР тестови

Епидемиологот Предраг Кон во врска со можните предлог мерки против епидемијата пред претстојните празници, кога се очекува доаѓање на голем број луѓе од странство, изјави дека медицинскиот дел на Кризниот штаб предложил на границите да се прават тестови за коронавирус.

-Алтернативата е влез на голем број луѓе кои не знаат дека се заразени, а кои ќе добијат симптоми и ќе треба да се лекуваат во Србија, кажа Кон за ТВ Прва.

Тој истакна дека најважно е да се разгледа пристигнувањето на српските државјани од странство.

-Тука мора да се направат подготовки, ќе мора да има карантин и изолации, за што ќе се разговара на следниот состанок. Затворањето на границите е тешко, но медицинскиот дел од кризниот штаб нема да има ништо против ако тоа биде државна мерка, истакна Кон.

Запрашан да ги коментира извештаите во медиумите дека веќе има закажувања за новогодишни прослави, Кон одговори дека „не е реално да се очекува дека ќе бидат укинати сите мерки (ограничувања на собири) за толку кратко време”, дури и да станува збор за оние што ја прележале короната и кои се чувствуваат „безбедни”.

Кон за ТВ Прва изјави дека проблемот е во тоа што и понатаму е потребна голема хоспитализација поради „ковид-19″, поради што голем број белграѓани сè уште се лекуваат надвор од Белград, без оглед на новата болница во Батајница и дека издржливоста на здравствениот систем е на нејзините крајни граници.

Според денешните официјални податоци, во последните 24 часа во Србија починале 56 лица како резултат на коронавирусот, со што вкупниот број на жртви се зголеми на 2.005, соопштија од Министерството за здравство.

Од последниот пресек на ситуацијата во Србија, 15.697 лица биле тестирани за коронавирус и регистрирани се 6557 нови случаи на инфекција.

На респиратори се наоѓаат 283 пациенти , а вкупно хоспитализирани се 8.209 лица.

Од почетокот на епидемијата, официјално потврдени се 226.209 случаи на инфекција. Стапката на смртност е 0,89 проценти.

Треба да знаете
Последни објави