Палестинскиот филм „Решетки“ ја доби наградата „Ратка Илиевска-Лале“ на Мобил филм фестивал

Филмот „Решетки“ (Bars) на младиот палестински режисер Валед Зеданеј ја доби наградата за најдобар филм „Ратка Илиевска-Лале“, што ја доделува меѓународниот фестивал на филмови снимени со мобилен телефон -Мобил филм фестивал. Фестивалот годинава се одржа само онлајн, од 30 ноември од 6 декември, а 90-ина филмови беа бесплатно достапни на Video on Demand-платформата Cinesquare.net.

За наградите на фестивалот одлучи тричленото жири во состав: американскиот режисер и професор Карл Бардош, Горан Наумовски, кинематографер и професор на универзитетот „Еуропа Прима“ и Златко Ѓелевски, филмски критичар.

-Филмот „Решетки“ носи силна порака во себе и успева да опише еден апстрактен поим како што е демократијата – стои во образложението на жирито.

Наградата за најинвентивен филм ја доби „2040“ на Надин Алјекина од Русија. Наградата за најдобра оригинална идеја ја доби „Odd One Out“ од Ендрју Роб од Австралија. Специјално признание од фестивалот доби „Спијам малку и сонувам многу“ од Паоло Сантамарија од Италија.

Мобил филм фестивалот се одржа по 11 пат под мотото „Размислувај поразлично“. Филмовите беа поделени во три програми. Сите филмови на фестивалот беа достапни во 13 земји во регионот, каде што е достапна VoD-платформата. Со тоа, Мобил филм фестивал од годинава прерасна во регионален филмски фестивал.

Повеќе од 1000 филмови снимени со мобилен телефон пристигнаа на нашата адреса, а за селекцијата се погрижи Весна Ристовска. За жал, годинава немавме ниту еден македонски филм.

Мобил филм фестивал го организира продуцентската куќа „КТ-Филм и Медиа“ од Битола, а е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје.

https://www.facebook.com/mobilefestival.net

https://cinesquare.net/onlinefestivals#/mobilefilmfestival

Треба да знаете
Последни објави