Њујоршката полиција не потврди присуство на експлозивна направа во авионот на руската компанија „Аерофлот”, што вчера од Москва слета на аеродромот „Џон Ф. Кенеди”.
-Аеродромската служба доби дојава за наводна закана од експлозивна направа на авионот СУ102 на компанијата „Аерофлот”, што доцна синоќа слета на аеродромот, изјави портпаролот на аеродромот.
Откако патниците го напуштиле авионот, полицијата детално го пребарала авионот и не нашла ништо.
Аеродромот беше отворен, но неколку летови мораа да бидат одложени поради истрагата.
Извештаите наведуваат дека авионот што долетал од Москва бил под истрага, па детално биле пребарани сите патници и нивниот багаж.
Управата на аеродромот на Твитер напиша дека поради инцидентот, патниците може дополнително да бидат проверени и полицијата ќе испрати повеќе членови за да го обезбедат аеродромот.