Со новиот предлог-ценовник за користење на услугите на ЈП „Градски паркинг“ се предвидува покачување за по пет денари на сите паркинзи за зонските паркиралишта и за отворените со рампа.
Еден час паркирање во А зоната треба да се зголеми од 45 на 50 денари, во зона Б наместо 35 ќе биде 40 денари, додека во зоните Ц и Д од 25 да биде покачена на 30 денари.
Покрај зголемената цена на еден час паркирање се бара и покачување за 100 одсто на месечните карти за вработени кои ги користат катните гаражи со кои стопанисува Јавното претпријатие „Градски паркинг“ во Скопје. Според новиот ценовник што треба да биде одобрен на седницата на Советот на Град Скопје в среда, се предвидува цената за месечните паркинг карти во катните гаражи наместо 1.000 да биде 2.000 денари.
-Причина за зголемување на цената за паркирање е поради зголемените трошоци за одржување на јавните паркинзи и катните гаражи со кои стопанисува претпријатието. Зголемени се трошоците за вода, струја, одржување на лифтовите и опремата инсталирана на паркиралиштата – соопштуваат од „Градски паркинг“.