Мицотакис: Потребна е претпазливост за да избегнеме разгорување на  епидемијата

Иако гледаме некои охрабрувачки знаци на намалување, мора да бидеме особено претпазливи за да избегнеме повторно разгорување на епидемијата и да земат здив болниците и борците од првите борбени линии, за внимателно и безбедно да стигнеме до организираното вакцинирање на целото население, кое, ако сè биде во ред, ќе започне од почетокот на јануари, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот од денешната владина седница.

Мицотакис најави дека за време на денешниот редовен брифинг со новинарите, портпаролот на Владата Стелиос Пецас ќе излезе со конкретни соопштенија во однос на тоа што сигурно нема да работи до почетокот на јануари.

Грција до следниот понеделник е во карантин, а веројатно е дека училиштата и ноќните клубови ќе останат затворени во текот на месецов.

Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас во интервју за грчкото радио „Скај” рече дека постои загриженост и кај епидемиолозите и кај Владата за ситуацијата со коронавирусот во земјата.

-За жал, помалку од очекуваното се намалуваат новите случаи на дневно ниво. Националниот здравствен систем е под притисок, нашите лекари се уморни од огромната битка што ја водат во вториот бран, истакна Кикиљас.

Додаде дека од 1.305 кревети на Одделите за интензивна нега во грчките болници, „со едномесечен карантин, исполнети се 1.083″.

-Сакаме да се обидеме чекор по чекор да се вратиме во делумна нормалност. Но, ако болниците и Одделите за интензивна нега се полни со пациенти, во случај бројот повторно да се зголеми, нешто што повеќе или помалку е потврдено од експертите, ќе имаме трет бран. Бидејќи раздвиженоста, за жал, придонесува за зголемено ширење на вирусот, рече Кикиљас.

Во однос на вакцината истакна дека за да се „изгради ѕид на имунитет, потребно е мнозинството од Грците да се вакцинираат”.

Објасни дека според упатствата од Националната комисија за вакцинација ќе постојат приоритетни групи, први ќе се вакцинираат здравствените работници, ранливите категории, затворените центри итн.

Треба да знаете
Последни објави