Прес-конференција, Фаница Николоска, пратеничка на СДСМ
Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ го усвои Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници.
27,6 милиони евра завршуваат кај 283.000 граѓани кои ќе добијат финансиска помош од 6.000 денари за купување на домашни производи. Ова ќе ја зајакне приватната потрошувачка и дополнително ќе ја раздвижи економијата. Не успеаја блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата, не успеа нивниот обид да се блокира оваа мерка во интерес на граѓаните и на домашната економија.
Во време на сериозна светска економска криза и пандемија, ВМРО-ДПМНЕ и во Собранието и надвор од него продолжува да се однесува неодговорно и на штета на граѓаните. Блокади на крстосници во време на пандемија, ширење лажни вести и дезинформации, обиди да се поткопа здравствениот систем е она што ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски го нудат на граѓаните.
Се што ВМРО-ДПМНЕ прави е на штета на институциите, на штета на интересите на граѓаните, на штета на државните и националните интереси. Тоа го потврдуваат и со нивната блокада на дополнувањата на Деловникот за работа на Собранието. Поддржувајќи и поднесувајќи илјадници бесмислени и апсурдни амандмани ВМРО-ДПМНЕ застанува против функционалноста на Собранието во време на светска пандемија на коронавирусот.
Измените и дополнувањата на Деловникот на Собранието се во насока на обезбедување поголема функционалност и ефикасност на законодавниот дом. На граѓаните, на државата потребен им е Парламент кој ќе биде целосно функционален, кој ќе носи решенија за подобро справување со здравствените и економски последици од коронакризата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да покажат одговорност, да се престројат на страната на граѓаните и да се откажат од блокадите.