Пронајден голем викиншки брод во кој можеби бил закопан крал

Норвешките археолози пронајдоа закопан долг, редок брод овој месец во Ѓелестад, средновековно археолошко наоѓалиште југоисточно од Осло. Ова е прво вакво ископување во Норвешка последниве 100 години, пишуваат тамошните медиуми.

Поголемиот дел од бродот е изгниен низ вековите, но археологот д-р Кнут Пасха од Норвешкиот институт за истражување на културното наследство, верува дека распоредот на железни клинци сепак ќе овозможи изработка на реплика. Бродот бил долг околу 19 метри и широк пет метри, што го сместува на исто ниво со добро сочуваните викиншки бродови „Осеберг” и „Гокштад” кои се изложени во норвешкиот главен град Осло. Овие бродови биле пронајдени на западната страна на широкиот фјорд Осло.

Викинзите тогаш обично пловеле кон британските острови, па го напаѓале и колонизирале крајбрежјето, за што сведочат археолошките остатоци, како и нордиските зборови и имиња на Островот денес. Нордиските Викинзи исто така стигнале и на Исланд, Гренланд, па и Њу Фаундленд и во Северна Америка.

– Воениот брод пронајден во Ѓелестад потекнува од времето меѓу 750 и 850 година, изјави д-р Пасха за Би-би-си.

Тој вели дека првичните сознанија говорат дека е многу поразличен од другите бродови, а „тоа е навистина возбудливо”, како што нагласи археологот. Се претпоставува оти во него, можеби бил закопан крал.

Треба да знаете
Последни објави