Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф го прими сирискиот колега Фајсал Мекдад во Техеран. Ова е прва официјална посета на новиот сириски министер за надворешни работи во странство.
Министерството за надворешни работи на Иран соопшти дека двајцата разговарале за „билатерални, регионални и меѓународни прашања, како и за заедничката борба против тероризмот”.
Зариф ја истакна потребата од консултации меѓу Иран и Сирија за развојот и условите во регионот.
Мекдад пристигна во Техеран синоќа и се очекува да се состане со иранските највисоки претставници во наредните денови.
Тој го наследи Валид Муалем на 22 ноември, откако долгогодишниот дипломат почина неколку дена порано.
Иран е еден од најголемите сојузници на сирискиот претседател Башар ал Асад за време на војната, во која од 2011 година досега загинаа 380.000 луѓе.