Во полициска акција во скопско Арачиново вечерва се уапсени неколку лица, а откриена е и марихуаната која со камион беше изнесена од склад за преработка на канабис во Јосифово ноќта во четвртокот.
Извори од полицијата потврдија за Телма дека е најдена украдената марихуана и дека ќе следуваат повеќе информации.
Вечерва во Арачиново повеќе десетици полицајци, меѓу кои и припадници на специјалните и посебните полициски сили, како и инспектори од крим-техника ја реализирале оваа акција.
Инаку марихуаната со тежина од два тона беше украдена од погон за преработка во валандовско Јосифово, во четвртокот наутро. Товарот бил сместен во камион во 200 кутии кој заминал од погонот, а чуварот пријавил дека станува збор за грабеж.
Складот од каде била изнесена марихуаната бил со обезбедување и во дел од селото каде немало поголемо движење на луѓе, а движењето во тој реон и не било дозволено од безбедносни причини.