Нас ни е битно македонскиот јазик и македонскиот идентитет да останат недопрени. Имаме механизам за историските прашања да се решаваат од историчарите и битно е пристапниот процес да европеизира, а не да балканизира, порача денеска вицепремиерот задолжен за еворпски прашања Никола Димитров, по полагањето цвеќе пред споменикот на Св. Климент Охридски во НУБ „Св. Климент Охридски”.
Нашите позиции се на кристално чисти принцип, потенцира тој, на право на самоопределување и најави дека ќе се продолжи со разговари со соседна Бугарија и, како што рече, ќе продолжиме да ги убедуваме дека не може правото на самоопределување да биде пречка за европски интеграции или за добрососедство.
Тој оцени дека ова е голем удар за европската политика кон Балканот. Прво, појасни, бидејќи во март одлуката за почеток на пристапните преговори во македонскиот случај беше безусловен и второ, подвлече, од сите страни имаше гласови дека ние ја завршивме нашата работа и треба да почнеме пристапни преговори.
– Мислам дека треба да ја избегнеме замката да паднеме во очај или да влеземе во некакво ново чекање. За да не стане ова и наш пораз мора да го искористиме ова време да си работиме. Има многу добра волја токму заради драстичноста на случајот во многу земји членки, изјави Димитров.
Тој информира дека деновиве контактира со многу од неговите колеги од земјите членки и оти прават план како да се вклучат во нашата реформска домашна агенда.
– Ако веќе не може да почне пристапниот процес формален, којшто е обременет иако не би требало да биде со билатерални прашања, со вета, да си ја европеизираме земјата со поддршка на земјите членки коишто гледаат дека апсолутно заслужуваме, истакна Димитров.
Потсети дека во Извештајот од октомври по политичките критериуми ние имавме и извесна предност пред земји кандидати што се во преговорите. И затоа, потенцира, да бидеме во добра кондиција тогаш кога Европа ќе успее да ги убеди сите свои земји членки да бидат на линија на сопствените вредности. Димитров смета дека тоа треба да ни биде агендата.
Вицепремиерот Димитров нагласи дека проблемите се решаваат само низ дијалог.
-Нема од што да бегаме. Како што споменав, стоиме на кристално чист принцип. Немаме од што да се срамиме, нема од што да бегаме, ќе продолжиме да разговараме. И ќе продолжиме да ја убедуваме другата страна, соседна Бугарија, дека ова меѓу другото не е добро ни за процесот што го почнавме. Ние почнавме процес на зближување, тој создаде една позитивна атмосфера. Ова не е во прилог на таква атмосфера. Така што ќе зависи и од нив, ќе зависи и од динамиката таму како ќе биде таму. Меѓутоа, фокусот националната енергија како држава мора да биде во домашната реформска агенда за да не изгубиме време, за да бидеме во реформска кондиција тогаш кога ЕУ ќе најде сили сите земји членки да бидат на линија на сопствените вредности и одлуки, рече Димитров.
Тој информира дека високо ги цениме напорите на германското претседателство, а денес на Советот за општи работи за ова се разговара како точка за информација.
– На крајот ќе не биде. Има една изрека што често сам си ја повторувам, на крајот ќе биде добро, ако уште не е добро не е крајот. Така што ние од 1991 три децении ни поминаа, од 1993 се боревме во НАТО да влеземе, мислам дека не смееме да заборавиме што тоа значи. Тоа значи дека имаме предвидливост. Земјата ни е тука. Ќе си остане во овие граници, стабилна и безбедна во смисла на НАТО-членството. Ќе го успееме и ова. И тоа се чинеше невозможно и претходниот проблем се чинеше невозможен. Мислам дека повеќе треба да се фокусираме на тоа како го користиме времето дома. Не на датуми, на следниот месец, кога ќе биде следната. Што повеќе, одлука добивме, самата ЕУ вели ова е ужас што не успеваме да си ја спроведеме сопствената одлука. Меѓутоа, ние за да бидеме поубедливи мора да сме во реформска кондиција и многу е важно сега да не паднеме во замката во која што паднавме во 2008 година после самитот на НАТО во Букурешт, да фатиме некој седми пат, да го изгубиме компасот. Не. Тука сме, ќе си ја европеизираме нашата Македонија, Северна Македонија и ќе не биде на крајот, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.