ЕПП без коментар за блокадата на Борисов во Советот на ЕУ

Европската народна партија, ЕПП, нема коментар за блокадата на владејачката партија во Бугарија, која е и членка на ова политичко семејство во ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Откако сите најголеми политички партии во Европскиот Парламент повикаа да се деблокира ситуацијата во Советот на ЕУ и Бугарија да го крене ветото за преговарачката рамка со Северна Македонија, МИА побара реакција и од Европската народна партија, единствена која до сега молчеше на оваа тема.

Во Европската народна партија членуваат владејачката ГЕРБ на бугарскиот премиер Бојко Борисов, како и македонската ВМРО – ДПМНЕ.

На прашање кој е ставот на ЕПП, најголемата политичка партија во ЕУ и највлијателна во сите институции на ЕУ, за блокадата на преговорите со Северна Македонија, од нивната прес – служба кусо одговорија „немаме коментар”.

Во Европската народна партија членува партијата на германската канцеларка Ангела Меркел, од каде доаѓа и претседателката на Европската Комисија, Урусла фон дер Лајен.

На денешниот редовен брифинг на Европската Комисија беше исто така побаран став од оваа институција за блокадата во Советот на ЕУ, поради која не може да напредува ниту Албанија, а за сега не е планирано ни усвојување на заклучоците за другите земји од западниот Балкан.

Портпаролката Ана Писонеро повтори дека Европската Комисија останува посветена на ЕУ перспективата за регионот и дека за ова прашање треба согласност на земјите членки на Унијата. Таа потсети дека Комисијата го поддржува регионот во борбата против пандемијата од Ковид-19 како и со предлогот за новата методологија за преговори и инвестицискиот план за регионот.

-Би сакале првата меѓувладина конференција да биде свикана што е можно побргу, знаеме каде се наоѓаме и Советот треба да се согласи за преговарачките рамки, рече Писонеро.

Треба да знаете
Последни објави