За в петок е закажан состанок на незадоволните тутунари со откупувачите, а ќе посредува Министерството за земјоделство за да се најде решение за проблемите и реален откуп на тутунот, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа по денешниот состанок во Прилеп со Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари.
Тие деновиве протестираа и побараа средба со министерот. До петок нема протести на тутунарите, ниту откуп на тутун на пунктовите.
Министерот Хоџа ги разбира маката и незадоволството на тутунарите кои цела година работеле и бараат реално да им се откупи тутунот. Подготвени сме, како што рече, активно да посредуваме за да се најде решение.
– Тутунарите ветија дека ќе ги стопирата протестите. Тоа е доказ дека двете страни се подготвени да седнат и да изнајдат решение. Ние како Министерство активно, преку посредувањете се вклучуваме за да се најде решението. Тутунот е стратегиска култура, државата го субвенционира и 30 отсто од сите средства за субвенционирање одат за тутунот. Договоривме в петок да ги повикам на состанок двете страни: и незадоволните тутунари и откупувачите. Ако има договор в петок, ќе се одвива целиот процес на откупот на тутунот. Ако нема, ние ќе се обидеме, максимално врз основа на нашите ингеренции да постапиме и успешно да се заокружи оваа година, без разлика на овие проблеми во почетокот, зашто од целата договорена реколта од 23.000 тони, само 300 тони се откупени што е 1,5 процент. Верувам дека ќе се изнајде решение, изјави Хоџа.
Според Хоџа, тутунаирте се согласуваат дека за нијанса е послаб квалитетот, но не толку за да се прогласи елементарна непогода. Улогата на Министерството е да ги седне двете страни и заедно да се договорат.
Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија решенија потврди дека ќе ги повчеат поверениците од пунктовите во државава до петок и тутун нема да се откупува.
– Им соопштувам на поверениците да се повлечат, до петок нема да бидат на вагите и нема да се аоткупува тутун. Се бара цената да не биде пониска од 200 денари и да се намалат одбитоците, изјави Стомнароски.
Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на „Група македонски тутунари” вели дека тутунарите го почитуваат постигнатиот договор за состанокот в петок, до кога нема протести.
– Ние сакаме реално да ни се плати родот. А има нереална процена. Тутунот е со добар квалитет и под 200 денари не смее да се откупува, посебно се добри врвните берби за кои имаше време да се исушат. Ние не сакаме да протестираме, си имаме работа на нивите, но не може да дозволиме да ни се обезвреднува трудот. На состанокот в петок ќе дојдеме со правен тим, кој знае каде има преземано тутун под класа и ако се сака, се може да се најде решение. Ние не сме против Министерството. Добиваме субвенции што многу ни значат. Но, не отстапуваме од реална процена, а имаме аргументи дека нереално се цени. Ние си ги бараме нашите права, да ни се плати трудот. А доколку не се постигне решение, не отстапуваме од протестите и блокадите, изјави Мирчески.
Тој побара извинување од директорот на Прилепскиот тутунски комбинат да им се извини на тутунарите зашто, како што посочи, рече дека лажат.
– Ние не оспоруваме каква е цената во Комбинатот, кој отсекогаш бил симбол на тутунопроизводството. Ние аргументираме дека имаме случаи кај другите откупувачи, кои многу повеќе купуваат тутун од Комибанатот, дека проценуваат по 100 до 130 или 140 денари за килограм, рече Мирчески.
Иницијативниот одбор на тутунарите пред прилепската локална самоуправа им го објасни договореното со Министерството и порача да имаат трпение до состанокот до петок.