Жители од струмичките села во близина на локацијата каде Еуромакс Ресоурцес работи на развој на проектот „Иловица – Штука“ очекуваат мега инвестицијата да донесе економски развој и одржливост на животниот стандард во југоисточниот регион на Македонија. Тие сѐ почесто излегуваат со изјави и даваат јавна поддршка за отворање на проектот што го гледаат како „Рудник на можности“.
Поддршката доаѓа од жители на Иловица, Штука, Босилово, Турново, Еднокуќево и Секирник, како и од соседна Струмица. Постарите зборуваат за потребата од силна инвестиција што ќе креира нови работни места со стабилни и добри плати за нив и за нивните наследници, додека младите соговорници во проектот гледаат причина што ќе ги запре да се иселат од Македонија. Во проектот сите гледаат можност за подобри услови за работа, унапредени работнички права, солидна плата и слични бенефиции кои постојат во економски развиени региони. Заедничко за сите соговорници е очекувањето дека ќе се подобри инфраструктурата во местата каде што живеат. Помладите жители велат дека егзистенцијалната неизвесност која ги брка да бараат работа во странство влијае и на нивните одлуки да формираат семејства.
Заедно со инвеститорот „Еуромакс ресоурцес“ подготвија куси видеа во кои зборуваат зошто на регионот му е потребен еден силен инвестициски проект каков „Иловица – Штука“. Погледнете ги изјавите на дел од жителите кои веруваат дека инвестицијата ќе го подобри живеењето во селата во општините Босилово, Ново Село, Василево, во Струмица и пошироко.