Министерот за правда Бојан Маричиќ, во емисијата 360 степени, на телевизија Алсат, изјави дека е потребно да се престане со политизација на пописот планиран за следната 2021 година. Според министерот, искуството од пропаднатиот попис е доволна поука дека на него треба да се гледа како на статистичка операција суштински потребна за државата, а не како на политичко прашање.
“ВМРО ДПМНЕ како опозиција се обидува од самиот почеток да го политизира, а токму затоа не успеа пописот од 2011 година. Која е целта на евентуален бојкот на кој и повикала опозицијата? Да има помалку Македонци на пописот?“, потенцираше Маричиќ.
Според министерот, нема силни аргументи зошто повторно би се одложил пописот и додаде дека и покрај пандемијата државата докажала дека има капацитет да организира сложени операции со масовно учество на граѓаните.
– Покажавме дека можеме да ги спроведеме парламентарните избори, Владата покажаа дека може да организира вакви масовни операции. Важно ќе биде попишувачите да бидат здрави, да бидат заштитени, а до тогаш ќе видиме до каде ќе биде и вакцината, изјави министерот Маричиќ.