Османи: Нема алтернатива од европскиот пат и од добрососедските односи

Да ја гледаме и оваа блокада, како една пречка на патот што треба да не мобилизира, да не реорганизира за да можеме да продолжиме со начините за враќањето на довербата во процесот и надминување на оваа пречка. Нема алтернатива од европскиот пат. Нема алтернатива од добрососедските односи. Ние ќе продолжиме уште од денеска да работиме со Република Бугарија бидејќи денес е Република Бугарија, утре ќе биде друга земја членка која ќе спори за друго прашање. Ние мора да навикнеме дека овој процес бара многу разговори, бара многу дипломатија, бара упорност и не смее да има откажување во ниту еден момент во процесот.

Ова е пораката што денеска ја упати министерот за надворешни работи Бујар Османи по положувањето свежо цвеќе пред споменикот на Св. Климент Охридски во НУБ „Св. Климент Охридски”.

Ќе продолжиме и ве убедувам дека ќе стигнеме до крајната цел, ќе станеме и земја членка на НАТО и на ЕУ, истакна османи и додаде дека тоа е перспективата што ја очекуваат граѓаните од нас.

Разговараме за прашања што произлегуваат од Договорот за добрососедски односи, рече тој и најави дека ќе се продолжи со разговори во рамки на тие линии, но не се преговара за идентитетските прашања.

– Ако имаше едно чисто досие по однос на исполнување на критериуми за започнување на преговори тоа беше досието на Република Северна Македонија. Типичен пример на условеноста која што е внесена во овој процес. т.н. кондиционалност движењето според заслугите. За жал не се искористи таа можност ова чисто досие да се даде шанса да почне преговори, да биде пример за другите држави коишто имаат стремежи на овој пат, изјави Османи.

Според него, ова е еден од најкомплексните и најтешките процеси за една држава. Беше обременет во минатото, истакна, ќе биде и во иднина. Не смееме овие пречки да ги гледаме како непробивни ѕидови, туку, нагласи Османи, како пречки на патот.

– Ние мислам дека сме убедени во важноста  на овој пат за сите нас и апсолутно никој ниту размислува за откажување, ниту размислува за алтернатива. Ова е една пречка на патот која што ќе ја надминеме многу брзо, рече шефот на дипломатијата.

Процесот се отвора денеска со Советот за општи работи којшто ќе се одржи онлајн, информира тој и појасни дека  онлајн состаноците обично се неформални, што значи дека не може да се донесе одлука, односно одлуката треба претходно да се усогласи доколку сакаме да има формална одлука на онлајн состанок.

Во таа насока, подвлече Османи, денеска не можеме да очекуваме заради таа причина одлука.

– Меѓутоа, останува уште Европскиот совет во четврток на состанокот на премиерите и на шефови на држави кои исто така е една теоретска можност на којшто може да се отвори прашањето иако се помали се можностите како поминуваат деновите, изјави министерот за надворешни работи.

Според шефот на дипломатијата за МНР овие биле исклучително добри 100 дена. Прво, како што рече, затоа што се интензивирала комуникацијата по однос на надминување на разликите и покрај тоа што, рече османи, можеби не даде резултат засега, меѓутоа ја создаде рамката и основата за продолжување на разговорите.

– И другите два успеха коишто за 100 дена сметам дека се важни, а тоа е преземање на претседателството со ОБСЕ и зачленувањето во БИСЕК организацијата сепак се важни надворешно политички постигнувања на државата  само во 100 дена од преземањето на власта, изјави тој.

Османи е согласен со тоа дека овој момент денеска несреќно се случи помеѓу два изборни процеси, нашиот изборен процес во јули и, како што рече, нивниот процес во март. Очекува дека како ќе спласнат емоциите од овие два изборни процеса што секогаш ги поттикнуваат и ја влошуваат реториката и политичкиот и јавниот дискурс во кое било општество, не само овде кај нас, истакна Османи, туку и во најсовремените држави во светот, изборите го влошуваат дискурсот.

– Направивме големи чекори во изнаоѓање на точни формулации за надминување на одредени разлики. И на нив треба да се продолжи да се разговара. Јасни се нашите позиции. Не треба уште еднаш да повториме прашањата на идентитетот, прашањата на идентитетските атрибути коишто произлегуваат од правото на самоопределување. Го спомнуваме веќе неколку пати. Тоа не е тема. Ако има нешто добро во овој процес е дека Бугарија за првпат јасно кажа дека не претендира кон тие прашања. Така што и тоа е едно прашање кое што го надминавме овие 100 дена. Кристалната позиција на Бугарија дека не ги спори идентитетските прашања на народите и на граѓаните. Значи, едно постигнување повеќе. Постигнавме и други формулации по однос на други прашања. Сега треба сето тоа да го надоградиме до целосно разбирање за да може да продолжи процесот. Го разбирам гневот и јас имам гнев. Јас работам долг период по ова прашање и сакав денеска да имаме пробив. Но, не смееме со таа логика ограничена да влеземе во процес на постигнување на нашата стратешка цел, изјави министерот за надворешни работи Османи.

Тој порача дека мора да имаме доверба кон целта што ја имаме. Османи потенцира дека таа цел е фиксна, константна, неменлива.

За Османи ако има едно постигнување во комуникацијата во овие 100 дена е јасната дистингција на ова прашање, дека Република Бугарија, како што рече, не ги спори идентитетските атрибути на државата. Порача историчарите да продолжат, да разговараат за да најдат начини за заедничко одбележување, спомнување, погледи, наративи кон различни историски прашања.

– И другите прашања коишто ги надминавме во делот на краткото име, во делот на говорот на омраза, во делот на прашањето на малцинства, на економската соработка. Сето тоа е потенцијал понатаму да се надогради во едно разбирање помеѓу двете држави, изјави шефот на дипломатијата

Треба да знаете
Последни објави