Честитка од поранешниот претседател Иванов по повод празникот Св. Климент Охридски

Нека ни е честит празникот Свети Климент Охридски!

Сите ние кои сме дел од Словенството како јазична заедница сме рамноправни Климентови наследници. И како наследници имаме споделени права, но и должности. Должности да се грижиме за она што ни е оставено, меѓусебно да го споделуваме и да го пренесуваме на идните поколенија. Нешто за што очигледно дека не се трудиме доволно – велат во честитката од Кабинет на поранешниот претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов и додаваат:

– Но што би рекол св. Климент за нашата генерација, за нашите општества, за нашиот свет?

Во која мера успеавме да го зачуваме неговото богато јазично, просветно, духовно и морално наследство?

И, најважно од сè, дали успеавме неговото наследство да им го пренесеме на младите, како што тој им го пренесувал?

Верувам дека св. Климент би се зачудил што во изминатиов век и половина се водеа жестоки академски и политички борби за негово присвојување и врамување во концептите од 19 и 20 век. Би се зачудил бидејќи тој живееше во свет и век без национални држави и без национални идеологии и идентитети, во свет на империи.

Св. Климент би нè упатил да прочитаме едно од неговите слова во кое се повикува на посланието до Галатјаните во кое апостолот Павле категорично тврди дека верата во Бога ги надминува идентитетските разлики. И дека независно од нашата етничка, јазична, културна, политичка, социјална или родова припадност, сите ние сме повикани да го запазиме златното правило: да постапуваме со другите онака како што сакаме и другите да постапуваат со нас. Особено во време на неволји и потреби, какви што сега имаме во Македонија.

Св. Климент би нè потсетил дека учествувал во мисијата на светите Кирил и Методиј во Моравија; дека бил ракоположен за свештеник во Рим; дека бил учител на словенските народи, но и дека бил почитуван и од византиските црковни великодостојници. И како што неговите физички мошти ги поврзуваат Македонија, Бугарија, Грција и Италија, така и неговото духовно и просветно дело ги поврзува сите словенски народи.

Една од неговите пораки е скриена во неговото име – Климент односно Clementia, што значи милост. Милост што ни е укажана како луѓе и милост што треба да им ја укажеме на другите луѓе, на нашите ближни, нашите соседи, па дури и на нашите непријатели.

А тоа ќе го направиме ако се вратиме на неговиот повик. А тоа е повик да си помагаме еден на друг… да стекнеме братољубие, љубов кон бедните, гостопримство, кроткост, воздржување, и во сè што правиме да се престигнуваме во добрина. А во време на неволји и предизвици со кои се соочуваме, почитувањето на Климентовиот повик ни е повеќе од неопходно.

Само така ќе ги обновиме навиките на срцето што ни се неопходни за да можеме сите заедно да бидеме достојни наследници на нашиот голем учител Климент Охридски.

Нека ни е за многу години празникот и нека ни е вечен споменот за Свети Климент Охридски!

Треба да знаете
Последни објави