Заедничкиот инспекциски надзор меѓу градот и општините пред советниците на Град Скопје

На денешната 59. седница, Советот на Град Скопје ќе одлучува за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Градот Скопје и општините за заедничко вршење на надлежности од областа на инспекцискиот надзор. На почетокот на седницата, како што соопшти Град Скопје, ќе се верификува мандат на член на Советот на Град Скопје, кој доаѓа на местото на прерано починатиот советник и заменик-градоначалник Енвер Малиќи.

Меѓуопштинската соработка, посочуваат од Градот, ќе се врши преку здружување на човечките ресурси и нивно ефективно и рационално ангажирање и искористување, при што инспекцискиот надзор ќе го врши Градот, а општините ќе ги стават на располагање на градот сите инспектори и комунални редари вклучително и материјални средства. При остварувањето на меѓуопштинската соработка во надлежностите од инспекцискиот надзор, Градот ќе ги координира активностите на сите инспектори и комунални редари и ќе ги овозможи сите потребни услови за непречена реализација во остварувањето на инспекцискиот надзор.

Советниците денеска ќе го разгледуваат и предлогот за прогласување на заштитениот локалитет „Кањон Матка” за споменик на природата. Советот на Град Скопје, како што наведуваат во соопштението, му предлага на Министерството за животна средина и просторно планирање да спроведе постапка за ревалоризација и прогласување на заштитениот локалитет на подрачјето на Град Скопје „Кањон Матка” за споменик на природата, согласно Студија за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје споменик на природата „Кањон Матка”, изготвена 2010 година и извршената ревизија на Студија за ревалоризација на локалитетот Матка, во чии рамки е извршено зонирање на просторот од 2020 година.

– На седницата ќе се усвојува и Извештајот за извршување на буџетот на Град Скопје за периодот од 1 јануари до 30 септември 2020 година. Во вкупниот буџет на Град Скопје, во третиот квартал, односно заклучно со 30 септември 2020 година остварувањето на вкупните приходи и други приливи, и извршувањето на вкупните расходи и други одливи, е како што следи: Остварени вкупни приходи и други приливи: 3.219.536.211 денари, со процентуално остварување од 41,3 проценти во однос на планот за тековната година; извршени вкупни расходи и други одливи: 3.676.618.020 денари, со процентуално извршување од 47,2 посто во однос на планот за тековната година, посочуваат од Град Скопје.

На седницата ќе се најде и предлог-одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Кисела Вода за финансиско учество за опремување на Домот на култура Кисела Вода – Кино – Скопје со аудио-визуелна опрема. Вкупната проценета вредност за набавка на аудио-визуелната опрема изнесува два милиона денари, со пресметан ДДВ. Средствата се обезбедени од Буџетот на Град Скопје за 2020 година.

На денешната седница ќе се расправа и за предлог – програмата за повластено користење на јавниот градски превоз, од страна на лица со посебни потреби, во 2021 година. Лицата со посебни потреби, додаваат од Градот, кои имаат право на повластено користење на јавниот градски превоз на подрачјето на градот Скопје, согласно со условите и постапката предвидени со оваа Програма се лица со оштетен вид; лица со оштетен слух; лица со телесно оштетување; лица со умерена и тешка интелектуална попреченост; лица со комбинирани пречки во развојот и лица со аутистичен спектар на однесување; лица со лесна интелектуална попреченост до 26 години; бубрежно болни лица под третман на хемодијализа и стари и изнемоштени лица згрижени во Домот за стари лица „Мајка Тереза”.

На седницата ќе се најдат и точките за давање согласност на извештаите за остварените резултати во работењето на дел од градските претпријатија, предлог-одлука за давање согласност за донација на опрема и други точки.

Треба да знаете
Последни објави