Почитување на основните човекови слободи и права загарантирани со Уставот и ратификувани со меѓународни договори, спроведување на принципот на еднаквост, елиминирање на стереотипите за родовите улоги, превенција на сите форми на родово-базирано насилство врз жените, семејното насилство и утврдување на мерките и активностите за заштита на жртвите на родово базирано насилство и семејно насилство, има за цел Предлог законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство што денеска го разгледуваа членовите на собраниската комисија за труд и социјална политика.
Предлог законот содржи превентивни мерки, како и мерки за заштита на жртвите од повеќе видови и форми на родово базирано насилство. Со него се уредува постапувањето на институциите со должно внимание при заштитата на жените од сите форми на родово-базирано насилство и жртвите на семејно насилство, но и координацијата на институциите и организациите. Предлог-законот предвидува и обврски интегриран пристап за собирање на податоци за сите видови насилство, со цел да можат да се обработат и врз основа на нив да се преземаат следните чекори.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска која го образложуваше законот истакна дека жените и девојчињата често се изложени на сериозни форми на насилство кои претставуваат сериозно кршење на човековите права. За да се овозможи соодветен одговор, рече, потребно е спроведување на сеопфатна политика за борба против насилството врз жените.
– Одредбите на законот јасно укажуваат дека насилството врз жените и семејното насилство не може да се сметаат за приватна работа и дека државата има намера преку сеопфатни и интегрирани политики да превенира и да ги заштити жртвите на насилство, исткна Шахпаска.
Предлог-законот ги регулира превентивните мерки што секоја институција има обврска да ги преземе со цел елиминирање на насилството врз жените и семејното насилство, но исто така со предлог- законот се предвидува брзо и ефикасно постапување на институциите, посебно судот во постапување и изрекувањето на итни и на привремени мерки за заштита. Така, судот има обврска, веднаш а најдоцна во рок од 24 часа по приемот на предлогот од Министерството за внатрешни работи и полицискиот извештај, без да одржи рочиште да одлучи за изрекување на итна мерка за заштита „отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот.
Таа додаде дека се предвидува и програма за реинтеграција на жртвите на насилство, која вклучува модели за привремено домување, психичко советување со менторство, различни видови на финансиска помош специфично наменети за жени жртви на насилство, можности за образование за жените и нивните деца и обуки во различни области, како и мерки за вработување утврдени со закон. Економската зависност на жените, рече, е еден од главните елементи заради кои жртвите најчесто повторно се враќаат во семејството каде се одвива насилството.
Според министерката, голем дел од институциите затајуваат во постапувањето со игнорирање на потенцијални знаци за насилство, заради што се воведува принципот на должно внимание за нивно постапување и можност да бидат тужени доколку тоа не го направат.
-Сакам да говорам од човечки аспект, како жена, како мајка… Ние жените претставуваме носители на борбата против насилство врз жените и за ратификација на Истанбулската конвенција. Ова е прашање кое треба да го направи консензусот во законодавниот дом, но и општествениот консензус да се донесе овој закон за да се справиме со проблемот пред се преку пренвенција, но и заштита и поддршка на жртвите. Насилството не препознава политичка припадност, не препознава дали е во рурална средина или главниот град. Тепаат и во мое Берово, и во Битола и во Скопје. И не тепаат само луѓе кои се со пониско образовно ниво. Тепаат и врвни интелсктуалци и ова е прашање за кое ние треа одговорно да и отворено да говориме, рече Шахпаска.
Довербата во институциите кај жртвите на насилство, рече таа, мора да се врати ако сакаме да да се справиме со овој проблем кој не е карактеристечен само за нашата земја, туку и за сите други земји во светот.
Пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ вели дека опозицијата дава апсолутна поддршка за потребата и донесувањето на едно вакво законско решение. Но, како што посочи, за да не остане само на хартија, туку тоа навистина да се применува и жртвите да добијат заштита и поддршка треба да се издвојат и средства за институциите кои имаат надлежности во постапувањето.
Според Ласовска, неопходно е да се зајакнат и локалните самоуправи кои треба да постапуваат по ова прашање, оти тие се и најблиску до жртвата на семејно насилство. Дополнително, рече, таа, треба да се направи систем сите податоци за случаи на насилство да одат во една институција со цел да се обезбеди интегрирно прибирање на неопходните информации и градење натамошни стратегии за справување со овој проблем.
Земјава на 30 декември 2017 година ја ратификуваше Европската конвенција за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство (Истанбулска конвенција), која стапи на сила на 1 јули 2018 година. За таа цел усвоен е Акциски план за имплементација на ова Конвенција и објавен е на страната на МТСП, во кој се предвидени конкретни активности и временска рамка за реализирање. Посебен фокус во имплементацијата на Акцискиот план е воспоставувањето на специјализираните сервиси за жртви на семејно насилство. До крајот на 2019 година отворени се вкупно 12 специјализирани сервиси за жени жртви на насилство во седум плански региони во земјава.