Министерот за надворешни работи, Бујар Османи утре ќе се обрати пред европратениците во рамки на дебатата за резолуцијата на Европскиот парламентот за Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Османи утре попладне е поканет за размени мислења со европратениците членови на комисијата за надворешни работи, кога известувачот за Северна Македонија, Илхан Ќучук ќе го презентира својот извештај за напредокот на земјата.
Европратениците имаат уште неколку дена да поднесат амандмани за овој извештај, а утре ќе имаат можност да му постават прашања на шефот на македонската дипломатија, два дена по ветото на Бугарија за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија.
Се очекува пратениците да се интересираат за добрососедските односи, домашните реформи и надворешната политика на Северна Македонија.
Нацрт резолуцијата на Ќучук, која МИА ја објави пред неколку дена, ги поздравува напорите за интеграција на ЕУ на државата, ги охрабрува властите да вложат дополнителни напори во борбата против корупцијата, владеењето на правото, и го поздравува политичкиот дијалог помеѓу власта и опозицијата.