Унијата на европските фудбалски асоцијациои (УЕФА), го осуди синоќешниот инцидент на натпреварот од Лигата на шампионите помеѓу Пари Сент Жермен – Башакшехир во Париз кој поради расистички испад на четвртиот судија Себастијан Колческу од Романија беше прекинат во 14 минута и најави детална истрага. Натпреаврот ќе се доигра вечерва (19 ч.), но со нова судиска четворка. Поради овој испад УЕФА се реши да ја испрати романската судиска четворка дома и на нивно место делегира нова „мешана“ четворка од Холандија и Полска.
Главен судија ќе биде Дани Макиели од Холандија, а прв помошник неговиот сонародник Марио Дикс. Втор помошник Марсин Бониек од Полска, додека четвртиот судија ќе биде исто така од Полска, и тоа Бартош Франковски.
Турскиот клуб во знак на револт го напушти теренот на „Паркот на Принцовите“, откако четвртиот судија Колческу на расна основа го навредил помошникот тренер Пјер Вебо. Колческу ги искористил зборовите „црно момче“, алудирајќи на Вебо кој бил покрај аут линијата. Зборовите ги слушнале резервните фудбалери и стручниот штаб на Башекшехир, кои бурно реагираа кон четвртиот и главниот судија.Незадоволството кај тимот на Башакшехир било толку големо, што ги одбиле сите понуди од УЕФА да го продолжат мечот со истите судии. Прекинатиот натпревар кој подоцна беше суспендиран од УЕФА ќе продолжи денеска со почеток во 19 часот. На теренот ќе се појават комплет нови судии, кои мечот ќе го продолжат од 14-та минута. Резултатот при прекинот беше 0-0.