Јавното претпријатие „Водовод и канализација” од Струга апелира до граѓаните водата за пиење да не се користи за технички и други цели, за побрзо да се реши проблемот со недостиг на вода во градскиот водовод.
Претпријатието информира дека изворите почнале да се полнат со вода, по дождовите, кои деновиве го зафатија струшкиот регион, што, според соопштението, ќе го реши проблемот со кој стружани се соочуваат подолго време.
– Ограничувањата наметнати од нашето претпријатие овозможија да се намали проблемот со недостиг на вода, затоа ги замолуваме граѓаните да пријават каква било можна злоупотреба на вода за пиење. Во наредните денови очекуваме состојбата да биде стабилна и ваквите проблеми да не се повторуваат, соопшти ЈП „Водовод и канализација”.
Поради недостиг на вода за пиење стружани подолг период имаат прекини или намален притисок во снабдувањето. ЈП „Водовод и канализација” прави рестрикции од 22 до 5 часот, а револтираните граѓани најавија протест за в сабота пред просториите на претпријатието.