Претседателот Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Грузија и на Република Казахстан.На церемонијата на предавање на акредитивните писма од страна на Тамуна Лилуашвили, новоименувана амбасадорка на Грузија во Република Северна Македонија, со седиште во Софија, претседателот Пендаровски истакна дека по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји во февруари 2019 година, се создадоа неопходните услови за интензивирање на политичкиот дијалог и продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес меѓу кои особено се значајни европските и евроатлантските ориентации на двете земји. Претседателот Пендаровски истакна и дека верува дека во постковид периодот, двете земји кои имаат голема традиција, ќе ја продлабочат соработката во доменот на културниот туризам што ќе придонесе за поблиско меѓусебно запознавање на граѓаните од двете земји.
Нагласувајќидека ѝ претставува огромна чест што е првиот акредитиран грузиски амбасадор во Северна Македонија, амбасадорката Лилуашвили истакна дека членството во Европската Унија е една од заедничките цели што ги споделуваат двете земји. Амбасадорката Лилуашвили истакна дека со воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете земји, Грузија се здоби со нов пријател и партнер при што се заблагодари на нашата земја за поддршката на процесот на европска и евроатлантска интеграција на нејзината земја, како и на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет.
Оценувајќи дека двете земји градат пријателски односи во духот на меѓусебното разбирање, претседателот Пендаровски на церемонијата на предавање на акредитивни писма од страна на Жанибек Абдрашов, новоименуван амбасадор на Република Казахстан во Република Северна Македонија, со седиште во Будимпешта, нагласи дека двете земји негуваат долгогодишни пријателски односи за коишто постојат можности и желба да се унапредат динамизирајќи ја соработката во повеќе сфери од заеднички интерес.
Амбасадорот Абдрашев истакна дека натамошното продлабочување и проширувањето на соработката меѓу двете земји во наредниот период ќе се одвива во насока на основните интереси на двете пријателски земји и народи.
Претседателот Пендаровски на новоименуваните амбасадори им посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.