Лекарите и здравствените власти немаат одговор за мистериозната болест поради којашто повеќе од 500 лица се хоспитализирани, а едно лице почина во Индија. Болеста за прв пат е откриена во саботата вечерта во стариот град Елур, во индиската држава Андра Прадеш, позната по своите рачно изработени плетени производи.
„Луѓето добија грчеви и напади“, вели Гита Прасадини, директор за јавно здравје.
Оттогаш, симптоми на гадење и вознемиреност до губење на свеста, се пријавени кај 546 пациенти примени во болници. „Многумина се опоравија и се пуштени дома, но 148 се уште се на лекување“, рече владиниот портпарол Дасари Нагарјуна.
Екипи на експерти пристигнаа во градот. Изнесени се различни теории и сега се тестираат. Најновата хипотеза е дека загадувањето на храната се случило поради пестициди.
Експертите се збунети од фактот дека, според сите извештаи, не постои заедничка точка што поврзува стотици луѓе кои се разболеле.Сите пациенти биле тестирани негативно на Ковид-19 и други вируси како што се денга треска или херпес. Тие немаа врски едни со други, не живееле сите во иста област. Станува збор за луѓе од различни возрасни групи, вклучувајќи околу 70 деца, но многу мал број стари лица се разболеле.
Првично се сомневале на контаминирана вода. Сепак, од канцеларијата на министерот потврдија дека луѓето кои не пијат вода од општинското водоснабдување исто така се разболеле, а првите испитувања на примероците на вода не откриле штетни хемикалии. Еден 45-годишен маж по име Шридар бил примен во болница со симптоми слични на епилепсија и починал во неделата вечерта, соопштија лекарите. Обдукцијата не ги разјаснила причините за смртта.
Во моментов се испитува хипотезата дека луѓето јаделе зеленчук што содржел пестициди од органски материи што содржат фосфор. „Сепак, таа претпоставка се заснова на фактот дека ваквите пестициди често се користат во таа област, а не на некои докази“, рече Прасадини. Таа додава дека експертите испитале дали рибниците се загадени со пестициди или штетните хемикалиите навлегле во зеленчукот.
Лидерот на опозицијата Н. Чандрабабу Наибу повика на Твитер за „независна комплетна истрага за инцидентот“. Државата Андра Прадеш е меѓу најпогодените од Ковид-19, кадешто се откриени над 800.000 случаи.