Откажувањето од пушење е најдобриот начин да се намали ризикот од болести поврзани со пушењето, како што се развој на одредени видови на карцином, кардиоваскуларни болести и емфизем на белите дробови. Покрај ова, чадот од цигари исто така ги обојува забите, предизвикува лош здив и стареење на кожата. Никотинот е најпозната молекула во тутунот. Токму поради ова, разбирливо е зошто луѓето погрешно ги поврзуваат сите опасности од пушењето со никотинот.
Никотинот е природна состојка во тутунот и се наоѓа во мали количини и во други растенија, како на пример модриот домат, компирот, гоџи бобинките и други. Никотинот е присутен во сите производи од тутун и е главната состојка во терапиите за замена на никотин како никотинските фластери, никотинските мастики и слично, што го прави клучен за помош при откажување од пушењето. Според професорката Ен МекНил, од Кралскиот колеџ во Лондон која е експерт за областа лечење на зависност од тутун на Институтот за психијатрија, психологија и неврологија, крајно време е да престанеме да го критикуваме никотинот. МекНил, која својата кариера ја посветила на истражување начини за помош при откажување од пушење, вели дека нејзината работа, меѓу другото, се базира на почитување на нејзиниот ментор Мајк Расел, кој, пред 40 години ја постави следната теза „Луѓето пушат за никотин, но умираат од катран“.
Чадот од цигарите содржи микс од повеќе од 7000 хемикалии, од кои голем број докажано се поврзани со болестите предизвикани од пушење како акролеин, кој може да предизвика неповратно оштетување на белите дробови, потоа ацетон кој го има во средството за отстранување лак за нокти, амонијак кој е присутен во средства за чистење, арсен кој се користи во отров за стаорци, бутан состојка на потпалувачите, кадмиум кој е активна компонента во киселината на батеријата, јаглерод моноксид токсичен гас, формалдехид кој го има во течноста за балсамирање, олово отровен метал кој го има во батериите, катран кој се користи при асфалтирање и многу други докажано токсични и канцерогени соединенија. Кога телото е изложено на никотин, индивидуата доживува стимул. Ова делумно е предизвикано од ефектот што никотинот го има на надбубрежните жлезди, што резултира со ослободување на адреналин. Овој наплив на адреналин го стимулира телото. Постои непосредно ослободување на гликоза, како и зголемување на отчукувањата на срцето, дишењето и крвниот притисок. Никотинот исто така делува на панкреасот да произведува помалку инсулин, предизвикувајќи мало зголемување на шеќерот во крвта или гликозата.
Индиректно, никотинот предизвикува ослободување на допамин во областите за задоволство и мотивација на мозокот. Консумирањето предизвикува чувство на задоволство што всушност ја предизвикува зависноста од истиот. Се разбира ова не значи дека пушењето е добро и дека луѓето треба да пушат. Научниците се согласни дека никотинот е високо зависна супстанца и во никој случај не е без ризик, но дефинитивно не е примарна причина за болести поврзани со пушењето и не е канцероген. Никотинот треба да се консумира исклучиво доколку имаме препорака од лекар и само во препишаната форма. Пушачите треба да имаат пристап до точни информации за производи што содржат никотин. Тие информации треба да го содржат фактот дека никотинот не е основната причина за штета од цигарите и дека постојат производи за замена на никотин можат да им помогнат да се откажат од пушењето. Никотинот не е единствената причина што луѓето пушат цигари. Честопати се и последиците од откажувањето, ритуалот и сензациите поврзани со пушењето што го отежнуваат откажувањето. Се разбира дека откажувањето е секогаш најдобра опција и никогаш не е доцна да престанете да пушите цигари, но за оние возрасни пушачи кои инаку не би се откажале од пушењето, постојат подобри алтернативи од цигарите, производи без чад на кои можат целосно да се префрлат.