Пред повеќе од пет години, Доналд Трамп се симна со златен лифт во холот на кулата Трамп во Њујорк и најави влегување во претседателската трка. Тој беше аутсајдер во Републиканската партија, телевизиска ѕвезда позната по стекови и вратоврски чија кандидатура беше исмејувана од политичката елита.
Но, неговиот тогаш неславен говор во кој мексиканските мигранти ги нарече „силувачи” навестуваше каприциозна политика со која ја презеде партијата, а потоа и Белата куќа.
Последиците од четиригодишното владеење на Трамп во Белата куќа го достигнаа врвот на почетокот од јануари кога толпа негови приврзаници упаднаа во Капитол во обид да ја поништат изборната победа на Бајден. Во немирите загинаа пет лица, меѓу кои и еден полицаец.
– Трамп за време на неговото претседателствување му пркосеше на уставот и кршеше закони, правила, практики и правеше преседани за кои треба да одговара и сега и кога ќе ја напушти функцијата, се вели во отворено писмо од над 1.000 историчари и писатели кои се залагаа за отповикување на претседателот на крајот од неговиот мандат.
Ниту еден иден претседател не треба да биде во искушение, затоа што видел дека Трамп поминал неказнето, напишаа тие.
Големата депресија па Трамп
За четири години на функцијата, Трамп постигна и неколку важни победи, но и тешки порази, поттикна заговор невиден во американската политика и ја поткопа вербата во темелите на американската демократија.
Политичкото движење на Трамп за кусо време резултираше со историски неуспех на Републиканците и губење на контролата во двата дома на Конгресот и во Белата куќа, што беше прва таква драстична промена од 1932 година кога републиканците беа поразени на изборите за време на Големата депресија.
Земјата ја остава уништена од пандемија што постојано ја минимизираше и лошо ја управуваше, истакнува ДПА. Тој се прашуваше дали средство за дезинфекција може да биде потенцијален лек за коронавирусот, а носењето маски го претвори во културна војна.
– Историчар секогаш мора да ја земе предвид можноста претседателот за 50 години на некој начин да изгледа подобро отколку што бил за неговата генерација, но во случајот на Доналд Трамп тоа нема да се случи, изјави историчарот Мајкл Бешлос за MSNBC во декември.
– Тој во голема мерка беше одговорен за смртта на стотици илјади Американци кои не требаше да умрат, додаде Бешлос.
Благодарение на гласовите на 74 милиони Американци и голем дел од оние гласачи кои веруваат дека демократите ги украдоа изборите, Трамп дозволи голем дел од американското општество да живее во лажна реалност што може да влијае на многу аспекти од мандатот на Бајден, јави ДПА.
Иако изгради база на цврсти поддржувачи, тој принуди поголем дел од земјата да се спротивстави на неговата политика, па Аризона и Џорџија, долгогодишни бастиони на конзервативизмот, се свртеа кон Бајден по една деценија владеење на Републиканците.
Конзервативен Врховен суд
Најголемото домашно достигнување на Трамп, според многу републиканци, е назначување тројца судии во Врховниот суд.
Номинацијата на судијката Ејми Кони Барет во Врховниот суд само неколку дена по смртта на либералната икона Рут Бадер Гинсбург беше клучна за свртување на судот кон десно, што може во иднина да игра важна улога во прашањата за абортус, правата на оружје и пристапот до здравствена заштита.
Трамп воведе и остра политика за мигранти и нареди изградба на ѕид долж границата на САД со Мексико. Тоа спречи баратели на азил да влезат во земјата и на границата раздели повеќе од 3.000 деца од нивните родители.
Две и пол години откако Трамп се откажа од таа политика, властите допрва треба да ги пронајдат родителите на 611 деца.
Претседателот водеше надворешна политика во која избегнуваше европски сојузници, поттикна трговска војна со Кина, а САД излегоа од нуклеарниот договор со Иран и ја прифатија израелската окупација врз Палестинците.
Бајден може брзо да го поништи влијанието на наследството на Трамп врз некои надворешно-политички прашања.
Европа, на пример, го пречекува Бајден со раширени раце по четиригодишната горчина на Трамп кон регионот.
Бајден вети и враќање во Парискиот договор за климата и сака САД да го преземат водството во глобалната климатска политика.
Го остава светот полош
Наследството на Трамп веројатно ќе трае подолго во другите области. Нејасно е дали Бајден може да го оживее иранскиот нуклеарен договор откако администрацијата на Трамп воведе строги санкции кон Техеран и го уби генералот Касем Сулејмани во акција која за малку не предизвика војна меѓу двете земји
– Иако светот веќе се распаѓаше и американското влијание опаѓаше, Трамп драматично ги забрза двата тренда, напиша Ричард Хаас, претседател на Советот за надворешни односи.
– Тој ги предава земјата и светот во многу полоша состојба отколку што ги наследи. Тоа е неговото мрачно наследство, додаде Хаас.
Политиката на Трамп кон израелско-палестинскиот конфликт и Иран, во меѓувреме, се чини дека создаде нов статус кво во регионот и ја зајакна израелската контрола врз териториите врз кои Палестинците имаат право.
Трамп исто така ја премести амбасадата на САД во Ерусалим, што на Бајден ќе му биде логистички и политички неодржливо да ја врати назад во Тел Авив.
Иако Бајден стави крај на хаотичниот мандат на Трамп со преземање на должноста, неговата улога во Републиканската партија и американската политика останува нејасна бидејќи, на крајот на краиштата, му претстои судење во Сенатот.
Но, неговото влијание без сомнение ќе трае.