Латино дивата Шакира и фудбалерот Жерар Пике се заедно повеќе од 10 години, имаат 2 сина, не се венчани, а покрај тоа што таа вчера наполни 44, а тој 34 години, се сакаат повеќе од некогаш.
Љубовната приказна на познатиот пар веројатно ја знаат голем дел од нивните фанови. Тие се запознале во 2010 година во Мадрид, на снимањето на химната на Светското фудбалско првенство кое таа година се одржи во Африка.
Колумбиската пејачка на сетот го маѓепсала шпанскиот играч. Дружењето го продолжиле и во Африка, кога, како што вели Жерар, дошол до финалето само за повторно да ја види бидејќи таа во финалето ја изведуваше химната „Waka Waka“.
Останатото го знаеме – Пике стигна до финалето, Шпанија ја победи Холандија со 1-0, а пејачката и фудбалерот се заедно повеќе од една деценија и имаат 2 деца – синовите Милан и Саша.
Она што е интересно за нив е што се родени на ист ден – 2 февруари, само што помеѓу двајцата има точно 10 години разлика.
На Колумбијката постојано ѝ велеле дека разликата во годините помеѓу нив е огромна и дека врската нема да функционира бидејќи Пике сè уште е „момче“, но таа не се осврнувала на ваквите коментари. Ги наговарале и на брак, но тие сè уште не ја озакониле својата врска.
Пејачката во една прилика објаснила зошто не сака да се венча.
„Искрено бракот ме плаши. Не сакам да ме гледа како сопруга, туку повеќе како своја девојка, љубовница. Тоа е како забрането овошје. Сакам да го држам во неизвесност, да мисли дека сè е возможно во зависност од неговото однесување“, раскажала Шакира.
Едно време се шпекулираше и дека нивниот однос е во криза и тоа наводно затоа што Пике бил зависен од коцкање, но сега делува дека сето тоа е зад нив.