По повод депортацијата на македонските Евреи, промовирана книгата „Базичното антисемитско законодавство на Царството Бугарија”

По повод 78-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во нацистичкиот концентрационен логор Треблинка, денеска во Македонската академија на науките и уметностите беше промовирана тријазичната книга „Базичното антисемитско законодавство на Царството Бугарија”, со што, како што истакна директотор на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците, Скендар Асани, се изразува почит кон сите жртви на Холокаустот и благодарност до оние кои помогнаа во спасувањето на овдешните Евреи.

– „Базичното антисемитско законодавство на Царството Бугарија” е уникатно дело од ваков карактер во нашиот регион и пошироко, бидејќи првпат се занимава со подробна интерпретација на законодавството на одредена земја, во случајов Царството Бугарија, како прекршител на нирнбершките закони, кои имаа општ карактер да ги санкционираат сторителите на злосторствата за време на Втората светска војна, нагласи Асани, кој воедно е еден од коавторите на книгата.

Тој истакна дека Институтот за духовно и културно наследство на Албанците преку такви дела има за цел да го консолидира критичкото и научното мислење за сложените историски процеси од минатото, промовирајќи објективна и непристрасна опсервација на сложената слика од минатото. Тоа е, исто така, една од научните и истражувачките цели во рамките на Одделот за студии и едукација на Холокаустот, прв од ваков вид во регионот, кој функционира во рамките на Инстутутот.

– Сметаме дека е многу важен фактот што оваа книга, покрај референтната вредност што ќе ја има за разни научници и истражувачи, нуди и друга димензија во смисла на разбивање на некои предрасуди и стереотипи покренати во дел од историографијата, како и поради автентичноста на настаните поврзани со антиеврејската геноцидна политика на некои сојузници на фашистичка Германија. Како резултат, се добива впечаток дека навидум само германските нацисти биле главните виновници за суровото страдање на Евреите за време на Втората светска војна, но не и нивните лојални сојузници, посочи Асани.

Професорот Владо Поповски, еден од коавторите на делото,  потецираше дека на овој ден почнува собирањето на Евреите од Македонија и стационирањето во Скопскиот монопол, а 19-20 дена потоа започнува „депортацијата на нивното последно патување во животот”.

По тој повод, како што рече, Институтот за културно и духовно наследство на Албанците во Македонија изминативе две години работи на подготовка на зборникот, со намера да презентира пред јавноста што се случувало во тоа пресудно време во кое „дел од македонското општество беше отргнато од својата средина, од своите традиции и релации со Македонците и однесено во правец без повраток”.

– Имам и еден личен пристап, во таа смисла што во 1948 година со моето семејство, а јас како осумгодишен се преселивме да живееме во Штип. И одевме во гимназијата и ги слушав децата „ова е еврејското маало, тука живееше тој и тој и така натаму” и мене сето тоа ми беше како сон се додека не се нафатив да партиципирам во создавањето на овој зборник, за да ја видам судбината што се збиднала, а која не само што на мојата генерација не и беше јасна, туку за таа судбина не се зборуваше многу ниту меѓу возрасните. Јас таму живеев 10 години, по што се преселивме во Скопје, каде што исто така го затекнав така нареченото еврејсто маало. Така што тој превез е откриен со овој зборник, рече Поповски.

Тој истакна дека според неговото мислење зборникот не е класичен во смислам на поставувањето на насловот.

– Бидејќи насловот е „Базичното антисемитско законодавство на Царството Бугарија”. Не се тука поместени само законите и прописите за да се читаат да речеме нормите и одредбите, туку тука е поместена комплетната атмосфера во Царството Бугарија кога се носеа тие закони, сите полемики што се вклучија во Собранието, меѓу позицијата и опозицијата, опозицијата којашто изразуваше расположение на други кругови и исто така реакциите на јавноста, на здруженијата, оние кои беа против и они кои беа за таквата политика. Така што имам чувство дека реконструирајќи ја таа атмосфера во Царството Бугарија и она што се случуваше, бидејќи практично тоа доживеа расцеп и внатрешно спротивставување дека се среќавме со еден жив текст. Во таа смисла мошне корисен, бидејќи стручно правно може да се толкува во самите норми, дека се тие надвор од принципите на правото, не познаваат хиерархија во врска со Уставот, а Уставот на Царството Бугарија е еден од најлибералните демократски устави на Балканот. Станува збор за европска конституција и наеднаш се случува законодавство кое апсолутно како да не постои тој Устав и како да не постои традиција, а постои, во расположенијата, во свеста на луѓето и се покажува дека тоа општество во меѓувоениот период создало структури коишто се спротивни на традициите на европските конституции и во навиките на луѓето, наведе Поповски.

На промоцијата на делото, академик Владо Камбовски наведе дека промоцијата на „Базичното антисемитско законодавство на Царството Бугарија” од авторите Скендер Асани, Нора Малиќи Зулали и Владо Поповски, во тријазично македонско-албанско-англиско издание на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, се одржува во пресрет на 11 март, денот на кој во 1943 година 7.148 македонски Евреи се депортирани во логорот на смртта „Треблинка ІІ”, како дел од злосторничкиот план за „конечно решавање на еврејското прашање”, што во Европа имаше за последица уништување на шест милиони Евреи.

– И денес, по толку години од овој настан, над колективната совет на човештвото е надвиснато грозоморното сознание дека човековото безумие може да изроди таков злосторнички план за масовно уништување на цел народ, да создаде егзекутивен систем и да го блокира можниот отпор на неговото спроведување. На „Виа Долороса” што од Скопје до „Треблинка II” го изодеа македонските Евреи претходеше злосторничката спогодба за иселување на 20.000 Евреи од Македонија и Тракија меѓу бугарското Комесарство за еврејски прашања – поточно, по име и презиме, комесарот Александар Белев и германскиот полномошник Теодор Данекер, капетан на Заштитните одреди, специјалист за еврејското прашање и близок соработник на Адолф Ајхман. Заврши не само со нивно масовно погубување, туку и со уништување на сите овоземски траги за нивното постоење: архивите, синагогите, еврејските гробишта и сите национални и историски вредности, за да се сотре во човековата меморија секаква трага од присуството на лицето на земјата на еден древен народ, посочи Камбовски.

Со таквото, како што нагласи тој, во дотогашната историја незапамтено злосторство, од македонското ткиво беше откинат еден длабоко всаден корен на милениумскиот мултикултурен живот во кој опстојувале и се испреплетувале различните народи, раси, култури, јазици, обичаи, сплотени во животните маки и радости.

– И слободно може да се каже дека поради тоа македонскиот и другите народи кои живеат на македонската земја најдобро ја разбираат трагичната судбина на Евреите, затоа што и самите поминувале низ сличен историски искуства – да бидат жртва на физички и национално-културен геноцид, рече Камбовски.

Академик Камбовски истакна дека посебно внимание професорот Поповски обрнал на стремежот на бугарските власти да остават впечаток дека не се создава посебен окупаторски систем, што се негира со фактот дека е извршена анексија со протегнувањето на важењето на Законот за заштита на нацијата и донесувањето на специјален Закон за брзо уредување на неодложните прашања во ослободените земји во март 1942, со кој во Македонија бил етаблиран посебен репресивен правен режим.

– Мошне значаен е и фактот дека за македонските Евреи не бил обезбеден истиот правен статус како за Евреите во Бугарија. Така, како што нагласува проф. Поповски, на нив не им било дадено бугарско државјанство иако тие самите го барале тоа за да се обидат да се спасат од депортации и масовно уништување. Тоа било одбиено затоа што на бугарската држава и било потребно нивното жртвување со кое ќе ја докаже својата лојалност кон Хитлер, а и како израз на благодарност затоа што и ја доделил на управување окупираната територија. Одвратна е самата помисла дека бугарските официози, кои знаеле за депортирањето на македонските Евреи, желно очекувале да се дограбат до нивните конфискувани имоти, наведе Камбовски.

Тој истакна дека документите се сведоштво за „една голема цивилизациска криза на неговата злоупотреба како инструмент на недемократски, правото авторитарни системи не само за обезбедување на нивното владеење, туку и за вршење на најтешки масовни злосторства”.

– Тие не воведуваат во духот на времето на кое му претходеа во Европа – во Германија, Италија, Унгарија, Кралството Југославија, Романија, Бугарија, Грција, од дваесетите години на минатиот век создадените најжестоки монархофашистички тирании, како бедем наспроти истиот таков сталинистички диктаторски режим. Нивни заеднички карактеристики претставуваа: масовното негирање и повреда на основните човекови права, суспензијата на уставноста и потполната ерозија на начелото на законитост, донесувањето на специјално законодавство за заштита на државата, вонредни судови, арбитрарност и самоволие на администрацијата, масовните прогонства, логори и убиства, жестокиот антисемитизам и насилното гушене на секакви обиди за национална, етничка, верска или друга еманципација. Сето тоа го гледаме низ анализата на примената на вонредното бугарско законодавство спрема Евреите во „новоослободените краеви”, презентирани во книгата што денеска ја промовираме, потенцираше Камбовски.

Треба да знаете
Последни објави