Шишенцето со првата доза вакцина против коронавирусот во САД, коешто беше инјектирано на 14 декември 2020 година, денеска е сместено на Националниот музеј на американската историја во Вашингтон, како дел од збирката предмети поврзани со корона-пандемијата.
Болницата „Нортвел” во Њујорк, каде што медицинската сестра Сандра Линдзи прва во САД прими вакцина против коронавирус – „Фајцер Бајонтек”, му го подари шишенцето на музејот заедно со искористениот шприц, документ за вакцинација на медицинската сестра и нејзината униформа што таа ја носеше дента.
„Ова се сега историски предмети коишто сведочат за извонредниот научен напредок постигнат во борбата против епидемијата на коронавирусот и претставуваат надеж за милиони луѓе погодени од кризата предизвикана од епидемијата”, соопшти управата на музејот.
САД се земја во светот најпогодена од Ковид-19, со над 528 000 починати луѓе досега, и повеќе од 29 милиони заразени со коронавирусот.