Во постојан напор за зголемување на претплатниците, „Нетфликс“ тестира построг пристап до корисниците кои споделуваат лозинки со некого надвор од истото домаќинство. Голем број на корисници пријавија дека „Нетфликс“ неодамна ги замолил преку е-пошта или СМС да потврдат дека се сопственици на корисничката сметка.
Портпаролот на „Нетфликс“ минатата недела потврди дека во тек е построго испитување на корисничките сметки.
„Ако не живеете со сопственикот на овој акаунт, ќе треба да имате свој за да продолжите да гледате“, гласи предупредувањето што им се појавува на одделни корисници. Потоа им се нуди опција да добијат код за верификација преку е-пошта или порака за да докажат дека тие се вистинските сопственици.
Јавна тајна е дека луѓето ги делат трошоците за претплата.
„Нетфликс“ често испробува различни можности и содржини, но не ги применува сите. Иако овозможува да се креират повеќе профили на една сметка, тие можат да ги користат само членови на исто домаќинство. Но, јавна тајна е дека многу корисници ги делат трошоците за претплата меѓу повеќе домаќинства.
„Нетфликс“ бележи пораст на претплатници во текот на пандемијата. Во моментов има над 200 милиони претплатници ширум светот, од кои скоро 37 милиони од минатата година. Не е познато колку корисници ги споделуваат своите податоци за пристап со пријателите, што засега сè уште е дозволено.