„Ер Франс-КЛМ“ испрати авион на својот прв далечински лет со „одржливо авионско гориво“ – нафта помешана со синтетичко авионско гориво добиено од отпадно масло за пржење.
Компанијата соопшти дека преминот кон одржливо воздухопловно гориво (САФ) претставува поддршка кон создавање индустрија што гарантира еколошки воздушен транспорт.
Авионот леташе од Париз до Монтреал со мешавина на гориво што содржи 16 % одржливо гориво.
Индустриите во светот експериментираат со алтернативни горива бидејќи властите ги заоструваат правилата за емисијата на загадување. Други авиокомпании и производители на авиони исто така експериментираат со употреба на разни количини биогорива или разни видови одржливо гориво.
„Ер Франс-КЛМ“ ја претстави својата иницијатива на парискиот аеродром „Шарл де Гол“. Присутни беа клучните лица од авијацијата, вклучително и извршниот директор на компанијата, Бенџамин Смит, извршниот директор на „Тотал“, Патрик Пуен, и претседателот на „Ербас“, Гијом Фори.
Стив Чонка, извршен директор на „Иницијативата за алтернативно авионско гориво“, го поздрави потегот бидејќи новото гориво е клучно за намалување на емисиите на јаглероден диоксид.
Ендру Марфи од организацијата „Транспорт и животна средина“ во Брисел рече дека „добро е што експериментираат“ сега кога светот излегува од пандемијата и патувањата се обновуваат.
„Ер Франс-КЛМ“ тврди дека во февруари го извршил првиот редовен лет со авион на синтетичко одржливо гориво од Амстердам до Мадрид.



