Лимак е деветти хотел на групација која во Турција поседува седум хотели и ресорти и еден на Кипар

Пред неколку месеци Скопје доби врвен хотел на своја територија во срцето на градот. Менаџер на продажба и маркетинг на новоотворениот луксузен хотел Лимак Скопје, Јелена Костадиновиќ Танев 24 Инфо ја праша по што се разликува хотелот од останатите , дали е предизвик да се работи во еден ваков комплекс и по што истиот се разликува од останатите кои се наоѓаат во Скопје?

-Она што верувам ќе го плени секој што ќе го посети хотелот е неговиот луксузен изглед и дизајн, на што е посветено огромно внимание за да ги задоволиме очекувањата на гостите од хотел со пет ѕвезди. Во изградбата и уредувањето на хотелот се користени ексклузивни материјали, што значително придонесува за создавањето топол амбиент во кој нашите гости ќе се чувствуваат пријатно. Исто така, користени се хортикултурни мотиви и целиот простор изобилува со зеленило, што совршено се вклопува со прекрасниот поглед на природата на планината Водно. Како дел од комплексот Diamond of Skopje, хотелот има извонредна физичка локација во градот, а угостителските и конференциски капацитети се наоѓаат на најгорните катови што придонесува за поубаво доживување и панорамски поглед.

За удобноста и пријатното чувство во текот на престојот се грижи професионален персонал, кој е флексибилен исекогаш подготвен да одговори на барањата на гостите, притоа задржувајќи ја насмевката која е исклучително важна во нашата работа. Дополнително, гостите имаат на располагање современ фитнес центар, уникатен спа центар под брендот „Шива“ со една од најголемите турски бањи во земјава, како и простран ресторан со отворена кујна, кој нуди врвно гастрономско уживање. Навистина се трудиме да им понудиме поинакви специјалитети на сите што ќе го посетат нашиот ресторан и развивме понуда која не може да се најде на друго место.

Она што не е видливо на прв поглед, а има значење за голем број гости е што хотелот е изграден водејќи сметка за енергетската ефикасност и грижата за околината во изборот на материјалите и елементите што се вградени. Со ова им даваме дополнителни причини на гостите да го одберат токму него.

Долги години сте во хотелиерството. Предизвик ли е да се работи во еден ваков комплекс?

Јас сум веќе 20 години во оваа индустрија, работејќи за реномирани синџири на хотели со долгогодишна традиција и искуство. Во хотелот Лимак Скопје имаме можност да користиме знаење и искуство од останатите хотели што се дел од Групацијата Лимак Туризам и од тој аспект работата е олеснета. Голем дел од работите се автоматизирани, поедноставени и систематизирани.

Но секој пазар има свои специфики, па затоа е неопходно да се познаваат добро локалните услови, да се градат и одржуваат врските со клиентите и да се има визија за начинот на кој најдобро може да се моделира и спакува целокупната содржина и понуда на хотелот. Предноста во нашиот хотел е што тимот претставува одлична комбинација на различни вештини и компетенции. Успешно се надополнуваме и успеваме да ги надминеме предизвиците на работата.

Предизвикот во работата во оваа динамична индустрија лежи во способноста за адаптација на промените што ги носи новото време. Само хотелските компании кои ќе се прилагодат на новите трендови, разбирајќи го пазарот и конкуренцијата во целина, интегрирајќи ја понудата со грижата кон постојните корисници, кон своите добавувачи, кон внатрешните помали и поголеми „запченици“ што го движат системот, вложувајќи во надградба на комуникациските канали, ќе бидат успешни во годините што претстојат.

Хотелот е дел од поголем синџир со искуство во угостителството. Како тоа се рефлектира на стандардите и квалитетот на услугите што ги нуди Лимак во Скопје?

Лимак Скопје Луксузен Хотел претставува деветти хотел на групацијата, која во Турција поседува и управува со седум хотели и ресорти, како и со еден ресорт на Северен Кипар. Горди сме на фактот што повеќедецениското искуство и know-how во угостителство во Лимак хотелите во Турција, се пренесува и во Лимак Скопје. Имаме постојана поддршка од нашите колеги и координатори од Турција, добиваме ефикасна обука на вработените со директен контакт со клиенти, а оперативните стандарди во секој сегмент од работењето се исклучително високи и јасно утврдени. Сето ова претставува императив за испорачување конзистентна услуга со врвен квалитет.

Интегрален дел од нашата беспрекорна услуга е добропознатата турска гостопримливост и срдечност, што верувам секој што ја посетил Турција имал можност да ја доживее. Ваквиот пристап е стандардизиран во сите процеси во рамки на групацијата и поединечните хотели. Тоа е зачинот што ни овозможува да бидеме уникатни во испораката на беспрекорни услуги.

Што сѐ поседува хотелот?

Лимак Скопје Луксузен Хотел нуди 142 исклучително удобни и елегантно декорирани соби, конференциски сали со различна големина, кои се истакнуваат по својот модерен изглед, флексибилност, вградена техничка опрема и со природна светлина, како и комфорен ресторан. Пријатната атмосфера, беспрекорната услуга и модерниот декор на нашиот ресторан го прават едно од најпосакуваните и највозбудливите места за јадење и средби. Одличниот избор на специјалитети е придружен со неверојатна листа на вина.

Сите гости што престојуваат во хотелот, како и надворешните посетители имаат пристап до нашиот Sky Lounge Bar, лоциран на последниот кат на хотелот, со неверојатен панорамски поглед на градот и уникатно мени со потпис на шефот, кое изобилува со инспиративни рецепти.Во ресторанот и баровите ги користиме само најсвежите состојки, секој вкус е избран со големо внимание од страна на нашите стручни мајстори-готвачи, под водство на шеф Бобан Симоновски.

 

Хотелот е идеално место за организирање на корпоративни и приватни настани со најмногу 750 гости, вклучувајќи големи конференции, деловни состаноци, научни изложби, но и свадби.

Дел од хотелот е и Chiva SPA. Оваа оаза на апсолутна релаксација со голем број третмани за лице и тело, турска бања, сауни и купки, со стручно обучен и сертифициран персонал од Бали, претставува место за постигнување хармонија на телото и умот.

Колкумина го посетиле до сега и кои профили најчесто престојуваат, бизнисмени или туристи?

Имајќи предвид дека хотелот е отворен неодамна, најчесто нѐ посетуваат деловни гости. Ги користиме сите канали на продажба за да привлечеме што повеќе посетители и се фокусираме на збогатување на дополнителните вредности и содржини на хотелот. Нашата намера е да се изгради силен идентитет на брендот Лимак.

Туристите ги очекуваме во следниот период, како резултат на интензивирањето на патувањата, кое треба да се случи со ставање на крај на рестриктивните мерки и на пандемијата, кога сите ние желни за нови доживувања ќе почнеме слободно да се движиме и да градиме нови спомени.

Валентина Ангеловска

 

Треба да знаете
Последни објави