Дванаесет планинари вчера изградија нов импровизиран мост преку Лешничка река во месноста Лешница на Шар Планина откако истиот таков премин беше целосно оштетен и неупотреблив минатата недела. Потфатот го организираа членовите на планинарското друштво „Игл“ (Eagle) со помош и поддршка на колегите од планинарскиот клуб „Тетекс“.
-Овој мост е важен за движењето на планинарите, посетителите и туристи, кои сакаат да ја посетат Лешница а ја користат планинарската патека која почнува од селото Бозовце. Ако нема мост нема да може да се премине реката во периоди на годината кога има повеќе вода, изјави Сервет Даути од друшвото „Игл“.
Планинарите го направиле мостот на едноставен начин користејќи неолку стебла од дрвја. Од нив две поголеми стебла се поставени преку реката, а парчиња се поставени попречно преку двете стебла за да се овозможи преминување.
-Ние го имавме направено и стариот мост во 2016 година, но бидејќи е направен само од дрвја и стои на вода и на сонце се уништува. Имаме направено и три други на понатамошнот тек на реката за да може да се помине, вели Сервет Даути.